Некои од најзначајните слики на британската кралица, кои обично се поставени во јавните простории на Бакингемската палата, ќе бидат искористени за специјална нова изложба овој декември. Слики на автори како Рембрант, Вермер и Рубенс се тргнати од вообичаеното место на кое се изложени, како резултат на тековното реновирање во кралската резиденција во вредност од 350 милиони фунти. Тие сега ќе бидат изложени во Галеријата на кралицата, како дел од изложбата „Ремек-дела од Бакингемската палата“.
Шеесет и пет стари мајстори ја сочинуваат изложбата, од „Внатрешноста на таверна со играчи на карти и виолинист“ (1665 г.) на Јан Стин, што ја покажува непријатната страна на животот во Лондон во 1600-тите години, па до „Рибари на морскиот брег“ (1638 г.) од Дејвид Тениерс Помладиот, што прикажува сцена на млад човек што работи напорна работа. „Ројал траст“ сподели повеќе детали за делата што се прикажани.
– Во „Автопортретот“ на Рубенс од 1623 година, тенко нанесениот пигмент брилијантно ја пренесува полупровидноста на кожата, а сините и црвените осветлувања помагаат да се создаде тродимензионален впечаток. Додека, пак, намуртените веѓи, остарените образи и збрчканата кожа на Гриет Јанс и Јан Ријксен во „Бродоградителот и неговата сопруга“ на Рембрант од 1633 година, се чини дека биле извајани од боја, вена по вена – се вели во соопштението.
Покрај уметничките дела, ќе биде понудено и објаснување за историјата за тоа како кралското семејство ја стекнало колекцијата, која започнала со кралот Џорџ Трети и кралицата Шарлот во 1762 година, а продолжила со нивниот син, кралот Џорџ Четврти.
Потоа, детално ќе раскаже за тоа како кралицата Викторија првпат ја отворила галеријата со слики за јавноста за време на нејзиното владеење, кога кралското семејство не ја користело резиденцијата во летните месеци.
Изложбата „Ремек-дела од Бакингемската палата“ ќе биде отворена во Галеријата на кралицата во Бакингемската палата, почнувајќи од 4 декември до јануари 2022 година.