Во фоајето на домот на културата во Демир Хисар на 27 октомври е отворена изложбата „Рајот постои – 15 години интернационална уметничка резиденција Арт-поинт – гумно“, на која е презентиран дел од уметничката ризница за која во изминативе 15 години се грижи истоимениот меѓународен центар за уметност и одржлив развој. Резиденцијата се наоѓа во магичното село Слоештица, во подножјето на Плакенска Планина, а изборот од делата на над 40 уметници од светот создадени во тој простор (слики-скулптури) публиката ќе може да го погледне до 4 ноември.
– Се радуваме што токму во овој културен дом, оној со чија библиотека би се гордеел Петре М. Андреевски, не само затоа што таа го носи неговото име туку и затоа што, според бројот на жители во општината, има најголем број активни членови/читатели во земјава, ете токму во него ја организираме јубилејната изложба. И овој наш јубилеј се совпаѓа со периодот кога Демир Хисар ја слави државната култура и уметност како град на културата за 2018 година. Уметниците на резиденцијата доаѓаат носејќи ги вкусот, боите и мирисите на своите земји, а заминуваат со сликата за Слоештица и Македонија во себе, за потоа да ја изложат во јавноста – посочија на отворањето организаторите.