Во „Кино култура“ од вечерва до 27 јануари ќе се одржува фестивалот „Арт-ареа 2“, кој ќе содржи саем на книга, два џез-концерти, изложби на фотографија и илустрации, проекции на документарни филмови, книжевни промоции и музичко-поетски перформанс.
Фестивалот ќе претставува зона на концентрирана култура, а ќе започне во 19 часот, со саемот на книгата и со изложбите на Наталија Лукомска, „Состојби“ (илустрации), и на Диме Данов, „Копнеж по Јурате“ (фотографии).
Потоа ќе следуваат „Книжевни муабети“ за книгата „(Бес)конечни модели на расказот“ на Сања Михајловиќ-Костадиновска, а за крај е предвиден настап на џез-триото составено од: Гордан Спасовски, Славчо Коцев и Бојан Петков.
На вториот фестивалски ден, со почеток во истото време, „Македокс“ ќе го прикаже филмот „Опасни дела во кои се прикажани нестабилните елементи на Белорусија“ (2013), по што во „Книжевни муабети“ во фокус ќе биде романот „Пливање спротиводно“ на Ненад Јолдески. Денот ќе заврши со „Астал да блиста, бејбе!“, веселба по повод монографското издание на книгата „Астални проекции“, со настап на вокално-инструменталниот состав „Тркалезна маса“.
И последниот ден на „Арт-ареа“ ќе започне во 19 часот, со „Вардар филм омнибус“: „Ретротрип низ македонската документаристика“, по што ќе следуваат „Книжевни муабети“ и книгата „Урбани легенди“ на Васко Марковски, а за крај е предвиден концерт на „Летачки пекинезери“. Влезот за сите настани е слободен. Фестивалот е организиран со поддршка на градот Скопје.