Издавачката куќа „Арс ламина – публикации“ деновиве донира новогодишни пакетчиња во Детската клиника – Скопје и во ЈЗУ клиничка болница „Д-р Трифун Пановски“ во Битола. Станува збор за трајни, едукативни и интерактивни пакетчиња со боенки, книги со активности, сликовници, судоку-решавалки, детски книги, тефтери и календари. Тие ќе бидат наменети за децата-посетители на дневниот центар „Собата на Жозеф“ во Детската клиника (опремена по иницијатива на здружението за борба против рак, „Борка – За секој нов ден“), како и за децата згрижени во Клиничка болница во Битола.
Со овие донации тие ја продолжуваат својата мисија книгите да бидат достапни за сите деца, со надеж дека барем за миг ќе им го направат поиздржлив периодот на лекување и ќе им ги оттргнат мислите од секојдневието.
Оваа куќа се вклучи и во најголемата добротворна предновогодишна акција „И јас сум Дедо Мраз“, организирана од „Проект среќа“. Хуманитарниот пакет содржи над 100 книги, сликовници и боенки, кои ќе бидат наменети за деца во висок социјален ризик.