Три мермерни блока со натписи на грчки алфабет се откриени на градба на античкиот локалитет „Стибера“ кај прилепското село Чепигово.
Според археологот Душко Темелкоски од прилепскиот „Завод и музеј“ кој ги предводи годинашниве истражувања, по пронајдените мермерни статуи, станува збор за сѐ уште таинствена градба веднаш до храмот на богињата Тихе- заштитничка на „Стибера“.
– Станува збор за три мермерни блока на кои стои натпис со грчи алфабет. Според дешифрирањето во кое помогна колешката Весна Калпакоска од Битола, на мермерните блокови пишува: „Кефалон, виден граѓанин на Стибера, син на Еуболит, донирал свои средства да се изгради овој објект – појасни Темелковски.
– Објектот е веднаш до храмот кој го отворивме со ланските истражувања, но сè уште е таинствен и не знаеме за што станува збор. Според првичните истражувања, се мислеше дека е објект за обредни ритуали за храмот, зашто и тој има бунар, но со овие натписи, се отвораат други можности. Пронајдовме и дел керамика и накит, но во јавните објекти секогаш подвижните наоди се во мал број. Се надеваме дека ќе откриеме за каков објект станува збор во наредната недела додека траат истражувањата – наведе Темелкоски.
Стибера била град со, тогашни зачудувачки, 20.000 жители и бил активен околу 500 години, конкретно, од 3 век пред, до 3 век од нашата ера.
– Стибера, за тогашни услови била своевидна метропола. Најголемиот процут го има во првиот век од нашата ера кога било најсилно влијанието на Римјаните на Балканот. Оттогаш е и храмот, а во истовреме е изграден и овој таинствен објект кој го истражуваме – објаснува Темелкоски.
На „Стибера“ се истражува уште од 50-ите години на минатиот век. Тој е најпознат македонски локалитет според пронајдените мермерни статуи, уметнички изработени од квалитетен мермер. Но, најголем проблем се нерешените имотно-правни односи.
– Голем дел од локалитетот, на кој имаме само „загребано“ на површината е на приватно земјиште на жителите на село Чепигово. Имало обиди на државата да се спогоди со нив, но тие барале обештетување 2:1, односно доделување двојно поголема површина за што Министерството за култура кое нудело сооднос 1:1 не се согласувало. Тоа го кочи конзервирањето и понудата на локалитетот како атракција за туристите. Стибера е врвен антички локалитет, но се потребни повеќе пари и поголем третман за истражувањата. Годинава имаме доделени околу 300.000 денари за археолошките истражувања – вели Темелкоски.
Досега на локалитетот се откриени гимназионот, односно училиштето, храмот на богињата Тихе, работилница, бројни мермерни статуи кои, дел, се во Музејот на Македонија.
– Може да очекуваме уште многу градби. Ова досега е малку за толкав град со 20.000 жители. Треба да се очекуваат театар, ученички мозаици во куќите на богатите и што уште не – вели археологот Темелкоски.
Годинашниве архелошки истражувања на античкиот локалитет „Стибера“ се планирани еден месец. Останува уште една работна недела за да се дојде до нови откритија.