Вистинско уметничко доживување со класична и неокласична музика приреди ансамблот на „Игњац Фукс“ во црквата „Света Софија“ настапувајќи во рамките на фестивалот „Охридско лето“. На програмата беа Квинтет во Ге-мол од Сергеј Прокофјев, Свита за трио за кларинет, виолина и пијано од Александар Арутиуниан, Квартет од Иван Мулер, како и Трио за обоа, виола и контрабас, дело на Јохан Михаел Хајдн.
– Делата се од различен период, но станува збор за класична и неокласична музика. Конкретно, за Квинтетот од Сергеј Прокофјев, се работи за несекојдневна музика, напишана за балетска група во 1929 година и од тој балет е редуциран квинтетот. Доста драматична музика, доста хаотична, но на моменти прекрасна, а на моменти возбудлива, така како што треба да биде музиката – вели познатиот контрабасист Илин Диме Димовски.
Ансамблот на „Игњат Фукс“ е формиран годинава, специјално по повод 150-годишнината од раѓањето на композиторот Игњац Фукс.
– Тоа е една од причините за обединувањето на еден ваков состав, но од друга страна, на овие простори недостига ваков ансамбл од мешовит тип што може да се приспособува на какви било концерти и настани – додава уметникот Димовски.
Во ансамблот на „Игњац Фукс“ членуваат македонско-австриската виолинистка Фросина Богдановска, хрватскиот уметник Хрвоје Филипс, кој свири на виола, македонско-хрватскиот контрабасист Илин Диме Димовски, кој свири во Загрепската филхармонија, српскиот кларинетист Александар Тасиќ, обоистот Дарио Голчиќ од Хрватска, како и македонската пијанистка Јана Павловска-Молц, која живее и работи во Чикаго. Овој ансамбл, составен од извонредни уметници од поранешните југословенски простори, во текот на наредната година ќе се вклучи во одбележувањето на 150-годишнината од раѓањето на композиторот Игњац Фукс (1819-1854) чие вистинско име е всушност Ватрослав Лисински.