Фолклорниот ансамбл „Китка“ од Истибање е добитник на Гран при нагрдата за најдобар целосен настап на годинашниов 44.фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“, што заврши синоќа на Рудина кај Долнени.
Гајдата на Пеце, што ја доделува општина Долнени ја понесе гајдаџијата Кире Ризоски од селото Боротино, Прилепско. Фестивалското жири во состав на етномузиколозите Илчо Јованов од Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, Родна Величковска од Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ од Скопје и уметнички директор на Фестивалот, како и музикологот Захаринка Милосављевиќ, доделија и 10 статуетки и дипломи за успешни настапи на учесниците на годинашниов Фестивал.
Со тоа заврши годинашново 44.издание на оваа национална манифестација која ја негува и ја зачувува изворната музика што се пренесува од генерација на генерација низ вековите.
Во двете фестивалски вечери, во петокот во Прилеп и синоќа на Рудона кај Долнени околу 250 изведувачи на изворниот мелос од цела Македоја покажаа дека народниот фолклор се чува и се пренесува на новите генерации.
– Фестивалот ги оправда очекувачата и улогата што ја има како манифестација од национален интерес-да ја чува и да ја негува изворната музика и инструменти. Особено радува што има многу млади што ја одржуваат и ја негуваат изворната музика. Тоа го докажаа учесниците на фестивалот кои ги имавме од пет до преку 80 години од сите краишта на земјава. Фестивалот ги прикажа македонската, турската како и албанската изворна песна – изјави Илчо Јованов, претседател на извршниот одбор на фестивалот.
Во рамки на фестивалот, петти пат се одржа семинар за изучување на народните инструменти и песни во спомен-куќата во Долнени.
За уметничкиот директор Родна Величковска, потрагата по изворната музика во сите делови на земјава не престанува.
– Фестивалот ќе продолжи да ги открива изворните песни кои се пеат од памтивек и се дел од нашиот идентитет. Годинава, првпат, на пример, имавме изворен мелос од кривопаланечкото село Луке, а убаво е што го претставивме и Центарот за едукација на македонскиот фолклор „Митеви“ од Скопје. А таму се млади кои ја негуваат изворната музика. Освен тоа, Македонија е препознатлива во светот со посебноста на изворниот фолклор, доаѓале гости од целиот свет, а Пеце Атанасовски беше вистински амбасадор на фолклорното македонско богатство. В година, на јубилејното 45-то издание на Фестивалот ќе се потрудиме да внесеме новини и најбитна од сѐ е, љубовта кон изворната музика – рече Величковска.