„ЕДНА”, најновата краткометражна анимација на Вук Митевски, својата премиера ќе ја има на престижниот 59 Интернационален Краков Филмски Фестивал. „ЕДНА” ќе биде прикажана во главната конкуренција за кратки и анимирани филмови и ќе се бори за наградата „Сребрен Змеј“ за најдобар анимиран филм, со уште 9 анимации од целиот свет.„ЕДНА” во Краков ќе се прикажува на 28 и 30 мај.
Краков интернационалниот филмски фестивал се вбројува во најдобрите десет фестивали во светот посветени на анимираните филмови, и вброен е помеѓу ретките фестивали кои водат до директна номинација за наградата Оскари во категоријата на кратка анимација.
„ЕДНА” е 11 минутна анимација која беше инспирирана од бегалската криза, каде што Македонија како транзитна земја ја проследи реката човечки судбини. Во суштина „ЕДНА” е љубовна приказна поставена во многу необични околности, раскажана на многу апстрактен и поетски начин. Анимацијата е целосно изработена во рачен цртеж и на авторот му беа потребни скоро три години за да ја изработи оваа магична анимација.
„ЕДНА” е копродукција помеѓу Македонија и Белгија и е подржана од Македонската Агеција за Филм. Продукцијата целосно се одвиваше во Македонија, а постпродукцијата во Германија, каде што беше работен звукот, Франција каде се изработуваше музиката, и Белгија каде се работеше лабараторијата и миксот. Сценариото е на Теона Стругар Митевска, музиката е изработена од Оливие Самујо, звук Емил Клотзц, монтажа на Благоја Неделковски и Ванчo Мираковски.