Изложбата „Фемина 8“ посветена на сликарката и професорка во пензија укажа дека таа не само што не е заборавена, туку дека им е потребна и на младите генерации
Во центарот на вниманието на отворањето на осмата едноподруго изложба од веќе етаблираниот ликовен проект „Фемина“, очекувано беше ликовната уметница и професорка во пензија, Ана Темкова. Опкружена со сликарки од помладите генерации, на дел од кои таа им била и професорка на Факултетот за ликовна уметност во Скопје, Темкова, која се вбројува меѓу најзначајните современи македонски автори, на 27 јуни вечерта во Културно-информативниот центар, не можеше и да сакаше да скрие дека ѝ годи вниманието што го доби, освен од присутните сликари и колеги, и од организаторите и од публиката. Добро конципираната изложба, која ѝ е посветена на Темкова, се базира на реинтерпретација на нејзината слика „Ентериер и огледало“ од 1979 година, која таа ја создала на Струмичката ликовна колонија, а пред која и течеа обраќањата на присутните и од каде и на двете страни од ликовниот салон се распослани впечатливите дела на учесничките
– Тука всушност започна сѐ. Нашата идеја, односно задача што ја поставив вклучувајќи се и себеси, бидејќи освен како куратор сум и учесник, беше секој автор да направи интерпретација на свој ликовен јазик – рече Јана Манева Чупоска. Освен Темкова, која е гостин на изложбата, на неа со по едно свое дело учествуваат авторките: Жанета Гелевска-Велјановска, Симонида Филипова-Китановска, Касиопеја Наумовска, Жаклина Глигориевска-Кочовска, Емилија Божиновска, Шќипе Мехмети, Дита Старова-Керими, Ана Ивановска, Јана Јакимовска, Маша Гала, Андреа Ержен, Маруша Штибел (Словенија) и Гајатри Хорват (Хрватска).
– Јас многу се зачудив и се возбудив во првиот момент кога Јана ми ја кажа идејата дека по моја слика ќе се прави оваа изложба и дека ќе ја работат повеќе млади сликарки. Меѓу нив се и моите две студентки: Емилија Божиновска и Жанета Гелевска, а на другите од нив можеби нешто сум им предавала, но не биле во мојата класа. Многу ми е мило што се реализираше оваа изложба, навистина многу ми се допаѓа – рече меѓу другото Ана Темкова.
Неа, во своето обраќање, Јана Манева Чупоска ја нарече и „многу значајна сликарка што не само што не е заборавена туку апсолутно заслужува професионален пиедестал“.
– Се надевам дека наскоро тоа треба да доведе до создавање нејзина ретроспективна изложба организирана од некоја од институциите – рече Манева Чупоска, изразувајќи и надеж дека оваа несекојдневна изложба ќе прошета и надвор од Македонија во зависност од условите. Темкова, пак, на своите помлади колешки им посака „многу да сликаат, уште повеќе да работат и да станат уште пославни од сега“, а во разговорот што го водевме вечерта изрази задоволство од изложените дела од авторките.
– За „Фемина“ само слушав претходно – рече таа. Одговарајќи на нашето прашање го искажа својот став околу тоа дали се согласува со фактот дека сликарките се сѐ погласни и се поприсутни во јавноста.
– Јас тоа го зборував уште кога бев професорка на Факултетот за ликовни уметности. Во класот имав половина женски, а половина машки студенти, а кога студирав во Белград, беа 25 машки и 4 женски, а тоа нешто значи! Денес има многу добри сликарки, самосвесни, многу вредни, многу посветени на сликарството и ова е нешто што е важно за овој век. Но тоа се случува мислам насекаде во светот, не само во Македонија, а сепак ние отсекогаш и сме имале и многу силно сликарство! – нагласи сликарката и професорка во пензија.
Ана Темкова со самостојна изложба не се претставила од 2006 година, вели дека во овој период и не размислува сѐ уште за таква изложба, но ни нагласи дека сега слика слики во помали формати.
– Не многу, ама постојано сликам по нешто. Присутна сум во неколку малечки галерии. Јас вообичаено повеќе се претставувам како сама, а во групни претставувања најмногу во класичните изложби на Друштвото на ликовните уметници на Македонија. Многу малку сум присутна на сцената изминатите години, но ова што го направи Јана Манева Чупоска ме придвижи и планирам да учествувам на класичните три-четири изложби на ДЛУМ – рече таа.
Христијан Санев, претседателот на Друштвото на ликовните уметници, пак, на обраќањето на отворањето на изложбата, која е дел и од програмата на „Скопско лето“, меѓу другото укажа дека ова издание на „Фемина“ може и да ја изненади публиката бидејќи почетоците на овој проект беа „со еден современ ликовен израз, како технички така и концептуален“.
– Но имаме чест токму оваа изложба да биде посветена на Ана Темкова – истакна со пиетет тој.
Треба да си ги знаеме вредностите
Ана Темкова најпрвин ме одби кога ѝ се јавив, но бев многу упорна и реков дека таа им е потребна на младите генерации денес. Јас лично сум дел од таа генерација, која го увиде тој мал хендикеп дека помладите генерации не знаат доволно за неа, а тоа е непростливо за една општа култура па и повеќе од општа. Потребно е и професионално знаење за нејзината уметност. Треба да си ги знаеме вредностите. Темкова го заслужува ова, таа е еден лик и од моето детство. Беше многу блиска и со мојот татко Коле Манев, заедно и работеа. Драго ми е што овој проект ја испровоцира да слика повторно, вели Јана Манева Чупоска.