Десет проекти од Годишната програма на Министерството за култура со вкупна вредност од осум милиони и 500.000 денари се повлечени по ревизијата на Комисијата од Министерството, информираше денеска министерот за култура Роберт Алаѓозовски при посетата на затворот Шутка.
– Во овој момент комисиите ги разгледуваат и одлучуваат по однос на приговорите. Начинот на којшто ќе можеме да одговориме на приговорите ќе зависи од достапните средства што ќе ги имаме на располагање – појасни Алаѓозовски на новинарско прашање за проектите од Годишната програма за кои имаше реакции во јавноста и за кои беше побарана ревизија.
Во однос на најавата на градоначалникот на општина Центар Саша Богдановиќ за отстранување на четири споменици, министерот рече дека тоа е работа на општината и дека се работи за споменици од проектот Скопје 2014.