Дело на Филип Филиповиќ

По гостувањето во Словенија и во Србија изложбата вечерва се отвора во галеријата НЛБ

Под наслов „Актуелен момент во македонската современа фотографија“ вечерва, во галеријата НЛБ во Скопје, со почеток во 20 часот ќе биде отворена изложбата што е дел од 56-те „Денови на македонската фотографија“, манифестација чиј организатор е Фотосојузот на Македонија (ФСМ). Оваа изложба во изминативе неколку години успешно ги претстави современите македонски фотографски текови надвор од земјата. Од ФСМ потсетуваат дека меѓу другото, таа гостуваше во градот Његова во Словенија, во една од неколкуте постојани галерии на светската фотографска асоцијација ФИАП и во Лесковац, во рамките на Фотографскиот самит на поранешните југословенски републики, во состав на „Деновите на српската фотографија“ во Чачак.

– „Момент“ претставува селекција од 38 фотографии од 30 македонски автори што го предизвикуваат нашето внимание во овој актуелен момент и наша цел е оваа селекција во иднина да ја прошируваме со нови автори и нови дела. Уметничката фотографија во Македонија има своја традиција и историја. Бидејќи до денес македонската фотографија не е комплетно обработена, Фотосојузот на Македонија се труди да ги обработи актуелните збиднувања во фотографијата – велат од Фотосојузот.

Во Македонија многу автори создаваат фотографија со различни опсервации, техники и идеи. Тие се организирани преку клубовите или како самостојни автори во рамките на ФСМ. Разноликоста во творештвото во фотографијата претставува креативно богатство и придонес кон културното творештво на Република Македонија.