Ненад Величковиќ, босански писател
Ненад Величковиќ, писател од Сараево, Босна и Херцеговина, ја понесе главната награда на неодамнешниот книжевен фестивал „Друга приказна“, кој се одржа во Скопје. Тој зад себе има богат книжевен опус и бележи големо искуство во алтернативните образовни книжевни практики. Дипломирал во 1986 година на Филозофскиот факултет, а магистрирал со тезата „Политичкиот театар на Душан Ковачевиќ“. Ја води книжевната работилница „Омнибус“ и е еден од иницијаторите на книжевниот фестивал „На половина пат“ во Ужице. Докторирал на Универзитетот во Сараево со теза за идеолошката инструментализација на книжевноста со примери од учебниците од петто одделение до четврта година во Босна и Херцеговина.
На четвртото издание на „Друга приказна“ ја добивте главната награда што го носи истото име. Што значи за вас оваа награда?
– Ова е втора награда од ваков тип во мојот живот, затоа и ме изненади пред сè. А бидејќи потекнува од група луѓе чија работа многу ја ценам и со луѓе со кои соработувам веќе долго време, ја прифатив со огромно задоволство.
Со голема доза хумор успевате да ги пренесете најтешките моменти во Босна по војната. Дали е ова начинот да ѝ пристапите на помладата публика?
– Не знам, затоа што навистина не знам колку и каква публика го чита она што го пишувам. Сè што знам е дека кога читам пред младите, тие реагираат одлично, се смеат на она што е смешно, ги прават тажни нештата што се тажни, и ги лути она што е неправедно.
Што сметате дека е вашето најмоќно оружје, темата што ја избирате или начинот на кој ја преточувате неа во вашите дела?
– И двете. Ако приказната не е добра, интересна, со добра идеја, таква што во суштината е доволно општа за читателот да може да ја доживее како важна и за себе, јас воопшто и не ја започнувам. Кога ќе ја започнам, тогаш се забавувам играјќи со потенцијалниот читател, разговарајќи со него, со едно непознато лице преку таа игра. Ако нема радост или страст во раскажувањето, самата тема не е доволна.
Го критикувате образовниот систем на Босна, во Скопје одржавте работилница за ученици и за наставници и професори по литература. Делиме ли слични проблеми?
– Во училиштето само ги најавив Енес Куртовиќ и неговата книга „Мува на часот по лектира“. Допрва треба да ги добијам прашањата и коментарите од учесниците. Мојата теза, а верувам дека со оваа преписка и ќе се потврди, е дека проблемите ни се многу слични.
Ваше последно објавено дело е „Витез на шведската маза“ (збирка раскази, 2013). Може ли читателската публика да очекува нешто ново во брзо време?
– Па, брзо, во смисла на оваа година, не. Но се надевам дека во текот на наредната ќе можам да завршам барем еден од неколкуте започнати ракописи.