Светски познатиот кинески уметник и активист Аи Веивеи, кој во својот нов филм „Коронација“ покажува како една авторитарна држава се однесува кон пандемијата, оценил дека луѓето нема да научат ништо, туку само еден ден „ќе ги фрлат маските и ќе заборават на короната“. Тој во интервју за Дојче веле укажал дека во филмот, снимен на далечина, е видливо на кој начин државата ја создала инфраструктурата, вклучувајќи ги и полските болници, и како го снабдила „фронтот“ со потребната опрема.
– Тие детали ме изненадија. Но тоа истовремено е и длабоко сознание за однесувањето на луѓето под контрола на авторитарен режим – навел тој.
На прашањето што најмногу му забележува на официјален Пекинг во овој период, Аи Веивеи рекол дека Кина, како авторитарна држава, една толку предизвикувачка состојба како што е пандемијата ја совладала многу ефикасно. Тој смета дека истовремено Кина создала општество што нема доверба, владејачката партија никогаш не добила потврда од својот народ на изборите, туку за својот легитимитет се изборила со полициски сили, со жестока пропаганда и со ограничување на информациите.
– Кинеската држава и населението немаат доверба едни во други, но државата мора да се слуша, бидејќи има ја контролата во своите раце, која ја спроведува низ закони и средства на принуда. Властите, пред да го блокираат Вухан на 23 јануари, два месеца знаеле дека заразата се пренесува од човек на човек. Но тие го криеја бројот на заразените и умрените – рекол Аи Веивеи.
Според него, блокирањето на Вухан било исправна одлука, но не смеело да се случи на луѓето буквално да им се заклучуваат вратите, да се приведуваат луѓе или да се крие вистината. Тој истакнал дека не очекува од пандемијата нешто да се научи, но мисли дека работите повторно ќе се нормализираат.
– Не верувам дека човештвото ќе научи многу. Па, дури и ако нешто научи, тоа ќе биде површно, како што е случајот со Кина – рекол уметникот Аи Веивеи. К.Б.