Британскиот актер Џереми Ајронс ќе претседава со жирито на Меѓународниот филмски фестивал во Берлин следниот месец, соопштија денеска организаторите. Ајронс ќе претседава со жирито на 70-то издание на фестивалот, познат како Берлинале, што ќе се одржи од 20 февруари до 1 март, но сè уште не е објавено кои се другите членови на жирито.
– Со неговиот специфичен стил, Џереми Ајронс создаде легендарни улоги што ме придружуваа во моето филмско патување, и со чија помош станав свесен за комплексноста на човечките суштества. Неговиот талент и одлуките што ги донел и како уметник и како граѓанин, ме прават горд што можам да му посакам добредојде како претседател на жирито – изјави директорот на Берлинале, Карло Катријан.
Заблагодарувајќи се за честа што му ја дава фестивалот, кој многу го цени и почитува, Ајронс додал дека „присуството во Берлин за време на фестивалот ќе му даде можност не само да се потсети самиот себеси на овој прекрасен град, туку и дека ќе може да гледа филмови што ќе ги одбере фестивалот, како и можност да дискутира за нив заедно со членовите на жирито“.
Во големиот број филмски и телевизиски продукции, 71-годишниот Ајронс има соработувано со режисери како Дејвид Линч, Ридли Скот, Бернардо Бертолучи. Во 1991 доби „златен глобус“ и „оскар“ за улогата во филмот „Пресврт на среќата“.