Ретроспективна изложба на Павле Кузмановски
По долгиот период на карантински денови, отсуство на понуда на културна програма, изолација и мерки за физичко растојание, во октомври Националната галерија на Македонија настапува со исклучителна понуда на настани.
– Од многуте настани е и оваа ретроспективна изложба на Павле Кузмановски. Ценејќи дека публиката усвои нова култура при посетата на манифестации, наметната од задолжителните протоколи за физичка дистанца, охрабрени, го збогативме овој месец со понуда за културно насладување на физички дистанцираната публика – вели директорката на Националната галерија на Македонија, Дита Старова Ќерими.
На 13 октомври (вторник), Националната галерија во објектот „Чифте-амам“ ќе го претстави ретроспективниот опус на академскиот сликар Павле Кузманоски. Официјалното отворање на изложбата е закажано за 18.30 часот, со почитување на протоколот за физичко растојание. За публиката, таа ќе биде достапна до 23 октомври.
– Правата уметност не е ирационална, таа е реална, јасна, конкретна, нема лага, кокетирање и манипулирање. Да се занимаваш со уметност, значи да се чувствуваш слободно, да бидеш дете и тогаш кога веќе не си, а, пак, да се занимаваш со уметност целиот свој живот, значи да ги ставиш емоциите на отворен простор, да зборуваш од срцето, да ја отвориш душата, поради што публиката ќе те награди и, што е поважно, ќе те запамети. Сега одново нашиот истакнат сликар, на наша голема радост, чувствува потреба да ѝ се претстави на јавноста, овој пат со голема изложба со над сто експонати, портрети на истакнати и знаменити личности, цртежи, мртва природа, акварели, познатите менади, сведоци, апокалипсата.
На овој начин авторот ги споделува творечките размисли и дилеми, како и илјадниците медитации со емоционални поетско-лирски толкувања. Медитации што траат со претставените ликови, неотсонуван сон низ дамарот на времето, за да остави траги во вечноста. Павле Кузманоски е „мајстор на навестувањето, на допирот, на балансот меѓу видливото и невидливото“, а љубопитноста кон видливиот свет, бескрајното изобилство на бои, копнежот по непознатото е моториката на неговото сликарство. Вообличува личен концепт за светот, за аспектите на даденото поднебје… со само нему својствени ликовни инструменти ја допира и таговната психологија на Македонија, на етничкото подрачје и драматичната историја, лично видено од сопствен агол. Така, неговите сведоци се полни со тежок судбински фатализам. Ликови што сведочат, но и опоменуваат, порачуваат и потсетуваат на егзистенцијална ситуација – вели кураторот на изложбата Љупчо Маленков, виш кустос во Националната галерија.
Овие обликувани визии на луѓе преку блесоци на звучни акценти, „бунтовни“ треперења и „пантеистички“ немир, ја зголемуваат драматиката на сликата. Авторот ликовно се вивнува во претставите, експресивно доживеани.
– Вознемиреноста пред претставите на ликовите на сведоците го дава импулсот, при што е истакната драматиката, односно планетарната човечка судбина. Овде Кузманоски дава посебен придонес во новата фигурација со поетика на ликовни реминисценции. Впечатлив е и неговиот импулсивен и точен потег, кој ја следи формата на фигурите. Таквиот негов однос по долгогодишното истражување и патување во неговиот духовен универзум кон формата, бојата, ритамот, линијата, го одредува неговиот специфичен стил, при што секогаш предизвикува внимание. Тоа е неговиот ѕвезден миг за создаденото, остварувајќи ја задачата на уметникот да го одржува воодушевувачкото човечко чувство. Неговата верба е дека естетското освојување на светот е единствената можност вистински да се хуманизира денешнава цивилизација. Ова е пораката што ни ја упатува Кузманоски со оваа изложба – вели Маленков.