Љубомир Јовановски-Кара деновиве на читачката публика ѝ го понуди романот „Ѓаволска наметка“, петти едноподруго, кој истражува нешто што не е ново во македонското творештво, но е сигурно еден од ретките што на посебен начин пристапува кон обработка на темите за определен историски период. Романот претставува повеќеслојна историска нарација што не случајно допира до вечните дилеми, кои се протегаат дури до сегашноста.
Романот носи белег на филозофско-детективски трилер. Авторот со истенчено наративен пристап суптилно ја поставува арената за вечната пресметка на човекот самиот со себе и со опкружувањето.
Романот е амбиентално раскошен, дејствата се одвиваат низ целиот Медитеран и во Лугано.
За тоа дали живеењето и творењето во внатрешноста на Македонија е хендикеп или предност за авторот, Јовановски, кој е од Гостивар, вели дека грубо наречената провинција претставува идеален амбиент за творење.
– Од друга страна, проблем е секојдневието, односно потребата од кафе-муабет, размена на мисли и искуства со луѓе од фелата. Несомнено дека ова е важен сегмент во професијата – вели тој.
Јовановски во моментов работи на историскиот еп со карактеристично видување на битката на Беласица, „Проклетство на суетата“, детската приказна за постземјотресното Скопје, „Барска рапсодија“, и епската фантазија „Огнениот камшик“. Тој е автор е на романите: „Бадник над Санкт Петербург“, „Проколнати“, „Талкачот“, „Шутот безличен“. Објавува и во дневни и во неделни весници во Македонија и во Србија. К.К.