Остатоците од јавни и од приватни градби, кои денес можат да се видат на археолошкиот локалитет, датираат од 6 век, па до почетокот на 7 век
Заврши годинашното истражување на локалитетот Големо Градиште кај кратовското село Коњух, кој се истражува повеќе од две децении. Истражуваше стручен тим од Археолошкиот музеј на Македонија раководен од археолозите: кустос-советникот Горан Санев, проф. Каролина Снајвели од колеџот „Гетисбург“ во Пенсилванија, САД, со учество и на вишиот кустос Трајан Зафировски и кустосот Радомир Ивановиќ од истиот музеј.
– Систематските археолошки истражувања на Големо Градиште се одвиваат во континуитет повеќе од две децении, во соработка со колеџот „Гетисбург“, од Гетисбург. Несомнено најзначаен момент претставува откривањето на централната градска базилика, на северната тераса во 2008 година. До денес истражувањата покажаа дека се работи за голем црковен комплекс, со црква со импресивни димензии од 35×15 метри, издвоена крстилница од јужната страна, и голем припратен објект со простории објект од северната страна, со површина од 550 квадратни метри. Годинава се доистражуваше северниот крај на објектот каде што е откриен монументален влез со столбови, поврзани со арка од тули и малтер. Се претпоставува дека во одреден период, ова бил и главниот влез во црквата.
Од неговата источна страна се наоѓа резиденцијален објект, досега најголемиот од ваков вид, чија близина и поврзаност со црквата сугерираат дека веројатно бил во функција на црковниот клер (т.н. Епископска резиденција). Доистражувањата во северозападниот крај на резиденцијата открија целосно уште една од низата комерцијални простории (продавници) во нејзиниот состав. Тоа се важни (нови) податоци за архитектурата и организацијата на просториите на големите резиденцијални објекти во овој доцноантички град. Централната локација на овие објекти, широката улица што поминува од северната страна на резиденцијата и празниот простор кон кој таа води, се индикатори дека токму овде можеби бил централниот плоштад на градот што останува да се покаже со следните истражувања – велат археолозите. Тие посочуваат дека откриените остатоци од јавни и од приватни градби, кои денес можат да се видат на теренот, датираат главно од 6 век, па до почетокот на 7 век. Архитектурата, доградбите и откриените монети, пак, укажуваат на силен економски подем на градот кон средината на 6 век, што временски се совпаѓа со градежните инвестиции на овие простори, т.е. обновите на градовите од страна на императорот Јустинијан.
– Локалитетот Големо Градиште сместен во атарот на селото Коњух се смета за локација на најголемиот доцноантички град помеѓу Скупи и Пауталија, кој претставувал важно и богато административно, индустриско (рударско), трговско и црковно седиште во овој дел на провинцијата Дарданија. Градот се простирал на површина од околу 17 хектари, со што бил вториот по големина, по Скупи. Имал акропола, сместена на висок долгнавест рид со правецот исток – запад, кој се издига на 100 метри над реката Крива, и две станбени тераси од северната и од јужната страна на ридот, од кои, на северната тераса е лоцирано главното градско јадро. Целиот простор го заштитувале силни бедеми. На пошироката територија на градот се лоцирани и две некрополи, со хронолошки рамки од железно време до доцно римскиот период. Сепак, иако малобројни, откриените движни наоди од неолитот се значаен податок дека овој крај (локалитет) бил населуван уште од раната праисторија – потенцираат во оваа пригода археолозите.