Самостојната изложба „Црвени емоции“ на академската сликарка Маја Стефановска ќе биде отворена на 28 октомври (понеделник), во 20 часот, во Сала 1, во Музејот на градот Скопје.
„Црвени емоции“ е најновиот циклус на слики од креативниот опус на авторката Маја Стефановска во кој таа на исклучително деликатен начин ги третира главно женската фигура и нејзините бескрајни метаморфози и трансформации, низ сите животни фази и периоди и различни психолошки и емоционални состојби.
– Во последните свои циклуси, Стефановска со нагон на имагинативен раскажувач, успешно го негува фигуративното сликарство како стилска определба. Нејзиниот сликарски универзум се состои од документирани сцени проткаени со мистериите на љубовта, радоста и непредвидливоста на живеењето, меланхолија од некои замрзнати мигови присутни во некоја друга стварност, реминисценција и носталгија по изгубени времиња од кои останале распарчени фрагменти сеќавања, кои таа ги преточува во слики – сведоштва полни со сензибилитет и суптилност на искусеното – пишува кураторката Анита Бошкова Доковска во текстот од каталогот.
Во околу шеесетина дела („Принцеза во ноќта“, „Растурени емоции“, „Сериозноста на животот“, „Патувам со куќата“, Потекло“, „Едно“, „Бабино сонце“) – длабоко лични, интимни и натопени со емоции, се претставени различни женски фигури, групни и индивидуални портрети и поретко актови…
Делата од циклусот „Црвени емоции“ не ја анализираат општествената, социјално-политичка улога и положба на жените, туку ја истакнуваат важноста на субјективното (емоционално, сексуално, интуитивно, несвесно). Ова е практично женска уметност што не застапува експлицитно феминистички вредности и уверувања, но делата структурално (тематски и формално) настануваат во рамки што културолошки може да се читаат како специфично женски, со нагласени автобиографски елементи, говор во прво лице и нарација.
Изложбата ќе биде отворена до 6 ноември.