Издавачката куќа „Македоника литера“ го објави романот „Здивена“ на хрватската писателка Марина Шур Пухловски, во превод од хрватски јазик на Ана Антоновска. Романот е добитник на наградата „В.Б.З.“ за 2018 година, на истоимената издавачка куќа од Хрватска, за најдобар необјавен роман.
„Здивена“ е роман што ја разјаснува разликата меѓу заљубеноста и љубовта, односно е антиљубовен роман. Во него е раскажана приказна за „животот што минува низ прстите“ и за љубовта во време на скудност и за времето без љубов.
Пишуван во јас-форма, како интимна исповед и со прецизна нарација, овој роман покажува дека вљубеноста, таа состојба на првобитна маѓепсаност, е состојба далеку од љубовта, па дури и нејзина негација. Дејството е сместено во 1970-тите години.
Марина Шур Пухловски (1948, Загреб) завршила компаративна книжевност и филозофија на Филозофскиот факултет во Загреб. Во младоста се занимавала со новинарство и со книжевна критика, а потоа исклучиво со уметничка проза. Пишува романи, раскази, патописи, песни во проза, есеи, дневничка проза.