Според Институтот за наука, алтернатива, култура и уметност од Скопје, најмногу од анкетираните ги читаат „Хари Потер“, „Клетници“ и „Илијада“
Средношколците во државава купуваат книги во печатена форма, најмногу читаат авантуристички книги и научна фантастика на македонски, а потоа на англиски, албански, српски и на други јазици, ова го покажа најновата анкета што ја спроведе Институтот за наука, алтернатива, култура и уметност од Скопје.Анкетирани биле 970 испитаници, од кои 440 од машки и 530 од женски пол, а на прашањата одговориле 160 ученици од прва година, 220 ученици од втора година, 410 ученици од трета година и 170 ученици од четврта година во средното образование.
На прашањето, дали купувате книги во печатена форма, потврдно одговориле 740, а негативно 210 ученици. Додека, пак, на прашањето на кој јазик се книгите што ги читаат, 750 средношколци одговориле на македонски, 570 на англиски, 200 на албански, 120 на српски и на други јазици. Вкупно 850 испитаници одговориле негативно на прашањето, дали купувате книги во електронска форма, а 150 потврдно. На прашањето, пак, дали читате книги преку Интернет, 560 испитаници одговориле потврдно, а 390 негативно.
Анкетираните средношколци најмногу читаат авантуристички книги и научна фантастика. На прашањето, од кој жанр се книгите што ги читате, 310 одговори биле за љубовни, 430 за научна фантастика и исто толку и за авантуристички, 240 за трилери, 330 за мистерии, 280 за драми, 260 за историски книги и 260 за хумористични.
Запрашани колку страници имаат книгите што ги читаат, средношколците одговориле дека 50 читаат книги до десет страници, 210 читаат книги до 200 страници, 370 книги до 300 страници, 250 книги до 400 страници и 220 читаат книги над 400 страници. Во врска, пак, со цената на книгите што ги купуваат средношколците, 100 од нив одговориле дека купуваат книги со цена до 150 денари, 210 со цена до 250 денари, 360 со цена до 350 денари и 320 одговориле дека купуваат книги со цена над 350 денари. На прашањето за најомилените автори, 150 одговориле дека ја читаат Џоан Кетлин Роулинг, 100 го читаат Толкин и исто толку го читаат и Стивен Кинг. Деведесет одговори имало за Виктор Иго, 80 го читаат Жил Верн, 70 го читаат Артур Конан Дојл, 70 го читаат Шекспир, 60 ја читаат Агата Кристи, 40 го читаат Хомер, 30 го читаат Блаже Конески, 40 го читаат Гијом Мисо и исто толку го читаат Достоевски. Потоа следуваат Р.Р. Мартин, Балзак, Линвуд Баркли, Лав Толстој, Џон Грин, Едгар Алан По, Херман Хесе, Ден Браун, Кристи Голден, Милорад Павиќ, Џорџ Орвел, Исмаил Кадаре, Чарлс Дикенс и други автори.
Запрашани за најомилените книги, 130 средношколци се определиле за „Хари Потер“, 90 за „Клетници“, 60 за „Илијада“ и исто толку за „Пат околу светот за 80 дена“. Педесет од анкетираните се определиле за „Игра на тронови“, а по 40 за „Шагринска кожа“, „Шерлок Холмс“ и за „Авантурите на Артур Гордон Пим“…