Филмот „Врба“ на Милчо Манчевски ја освои престижната „сребрена палма“ на филмскиот фестивал во Валенсија, Шпанија. Жирито на 35-то издание на еден од најголемите европски фестивали синоќа му ја додели наградата со образложение дека е „одлично режиран филм што го истражува концептот на мајчинството низ потрагата по љубов на три жени“.
Ова беше многу успешна недела за „Врба“ во која освои две награди на два континента – „сребрената палма“ ја круниса шпанската премиера, а во понеделникот доби награда за најдобар филм на фестивалот „Синеквест“ во САД каде што ја имаше американската премиера.
Режисерот Манчевски лично присуствуваше во Валенсија, а неговиот филм имаше одлични одгласи во шпанските медиуми. Во ласкавите оцени на шпанската критика за „Врба“ се вели дека е „величествен филм“, „брилијантен, перфектно балансиран“, „Манчевски мајсторски ги испреплетува трите приказни“, „им пристапува на овие многу женски искуства со најголема почит и чувствителност“, „две моќни, предизвикувачки и прекрасно одиграни драми“, како и дека: „Емоционалните предизвици на бременоста и посвојувањето се рефлектираат со толку многу вистина, чувствителност и почит што се чини неверојатно дека ова женско дело е режирано од маж“…