Театарот за деца и младинци утревечер премиерно ќе ја изведе претставата „Сонот на Вилијам“ во режија на Кренаре Невзати-Кери, работена според делата на Вилијам Шекспир.
Режисерката и кореограф е и автор на адаптацијата на драмите на Шекспир, според преводите и препевите од Богомил Ѓузел, Драги Михајловски и Георги Сталев.
Претставата раскажува за сонот што малиот Вилијам (кого го игра Бојан Кирковски) го сонува ноќта спроти училишната претстава во која треба да настапи. На Вилијам му се привидуваат ликовите од претставата – неговите другари, соученичката Јулија, како и други ликови од Шекспировите дела. Не знае дали е јаве или сон тоа што му се случило и во разговорот со мајка му (која ја игра Катарина Илиевска-Силјановска) сфаќа дека ноќта била волшебна.
– „Сонот на Вилијам“ претставува бесконечна игра меѓу сонот и јавето, реалноста и фантазијата, спокојот и страста, светот на децата и светот на возрасните. Во претставата, како впрочем и во делата на Шекспир, се поставуваат вечните прашања за другарството, љубовта, емпатијата, добрината, правичноста, доблеста, храброста… И како да ги препознаеме нивните контрапункти. Најсуштествените прашања и дилеми што човекот го прават да биде личност и темел на едно цивилизирано, емпатично, еколошки освестено и хумано општество, соопшти Театарот за деца и младинци.
Во претставата ќе има музика од класиката по избор на режисерката Невзати-Кери, која е и автор на сценографијата. Костимографија е на Барбара Цвејиќ-Рив, а за видеоанимација и фотографија е задолжен Емил Петро.
Покрај Бојан Кирковски и Катарина Илиевска-Силјановска, во актерската екипа се и: Симона Спировска, Мики Анчевски, Мартин Јорданоски, Марија Ѓорѓијовска, Бојан Лазаров, Бојан Лазаров, Наташа Петровиќ, Изабела Новотни, Ана Левајковиќ-Бошков, Емра Куртишова, Винета Дамческа-Мојаноска.
По утрешната премиера на матичната сцена, „Сонот на Вилијам“ ќе биде дел и од програмата на претстојниот „Битола Шекспир фестивал“.