Вечерва, со почеток во 20 часот, во Македонската опера и балет ќе биде одиграна „Севилскиот бербер“, приказна за победата на младоста и љубовта, комичната опера во два чина во која ќе настапуваат хорот и оркестарот на МОБ.
Овој пат, операта на композиторот Џоакино Росини ќе ја диригира Иван Еминовиќ, а улогата на берберот Фигаро ќе ја толкува Марјан Јованоски, додека, пак, во улогата на Розина ќе се појави Билјана Јосифов.
Другите улоги ќе ги играат: Благој Нацоски (Алмавива), Владимир Саздовски (дон Базилио), Невен Силјановски (дон Бартоло), Николина Јаневска (Берта), Кристијан Антовски (Фиорело), Саша Смилевски (Амброзио) и Борко Биџовски (Камениот човек). Режисерка на оваа изведба е Урсула Хорнер од Австрија, сценографка, Марија Ветероска, а костимографка е Марија Пупучевска.