Во писмото до претседателот на интернационалното жири, амбасадорот Јордан Плевнеш, професорот Абдулах Шарчевиќ истакнува дека е исклучително почестен што Охридската академија на хуманизмот го вброила неговото име во оваа светска награда со огромен престиж, која досега им била доделена на личности што оставиле длабоки траги во светската историја на хуманизмот
Добитник на Светската награда за хуманизам за 2021 година, со која Охридската академија на хуманизмот го слави името на Св. Климент на сите светски меридијани, е академик Абдулах Шарчевиќ, редовен член на Академијата на науките и уметностите на БиХ, еден од водечките филозофи и мислители на Балканот и пошироко во Европа.
– Професорот Шарчевиќ е петнаесетти добитник по ред на ова исклучително признание, со кое Охрид, градот на УНЕСКО, веќе ги овенча нобеловците Александр Солженицин, Херта Милер, светските легенди Даисаку Икеда, Рави Шанкар, Питер Брук, Маноел Де Оливеира, Романо Проди, будејќи ги изворите на духовната меморија од првата средновековна школа на хуманизмот, основана од учениците на Св. Кирил и Методиј, заштитниците на Европа – велат од Охридската академија на хуманизмот.
Во писмото до претседателот на интернационалното жири, амбасадорот Јордан Плевнеш, професорот Абдулах Шарчевиќ истакнува дека е исклучително почестен што Охридската академија на хуманизмот го вброила неговото име во оваа светска награда со огромен престиж, која досега била доделена на личности што оставиле длабоки траги во светската историја на хуманизмот.
– Со голема радост ви потврдувам дека ќе дојдам во Охрид за да го примам ова високо признание – вели лауреатот.
Свечената церемонија на доделувањето на наградата ќе се одржи на 18 јануари, наспроти големиот празник Богојавление, во Куќата на Уранија на МАНУ. Пригодни беседи за Шарчевиќ ќе одржат Јордан Плевнеш и академик Георги Старделов, бидејќи почетокот на универзитетската кариера на Шарчевиќ е врзан за Филозофскиот факултет во Скопје, а потоа продолжува во Сараево, Загреб и во повеќе европски и американски универзитети. Градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески, ќе му ја врачи наградата, во присуство на поголем број претставници и градоначалници од збратимените градови на Охрид од Европа и градовите под покровителство на УНЕСКО.
Лауреатот со своја беседа ќе им се обрати на присутните. Следниот ден, 19 јануари 2021 година, ќе се одржи меѓународна онлајн конференција, насловена „Охридската школа на хуманизмот од средниот век до денес во Европа и светот“, на која, меѓу другите, ќе учествуваат и претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев; Жан-Патрик Конрад – претседател на Европската академија на науките и книжевностите во Лондон; Ралица Русева – историчарка на уметноста од Софија-Бугарија; Рикардо Бризи – социолог на Универзитетот во Болоња, Италија; Фабрис Далмеида – професор на „Пантеон Асас“ – Сорбона во Париз, Франција.