Најново истражување открива дека женските уметнички дела сè уште не се доволно застапени во светот на уметноста. И покрај воочените знаци на напредок, само со 11 проценти уметност купена од институции водени од жени, уметничкиот свет останува претежно доминиран од машкиот пол.

Според извештајот на „Ин адр вордс енд артнет њуз“, во последните десет години е регистрирана стагнација на растот на женската репрезентација во уметноста само со два проценти од глобалните аукциски трошоци за дела од жени. Овој број е исто така нерамномерно распределен, при што пет уметници сочинуваат 40,7 проценти од овој број, а само Јајои Кусама сочинува 25 проценти.

Студијата разгледа 26 уметнички музеи и институции во САД, како и анализа на глобалниот пазар на уметност помеѓу 2008 и 2018 година, со што е откриено дека од вкупниот број аквизиции за постојани колекции, само 11 проценти (29.224 аквизиции од 260.470) биле од жени, а само 14 проценти од изложбите биле или од самостојни или од групи жени уметници.

– Кога го започнавме овој проект, бевме возбудени да проследиме колку се имаат променето нештата за женските уметници. За нас беше доста разочарувачки да откриеме дека бројките останале толку ниски и имаше толку малку мерливи промени. Но не можеме да го решиме проблемот сè додека не признаеме дека постои, и овој проект служи како важен потсетник за тоа дека имаме долг пат додека дојдеме до еднаквост – вели Јулија Халперин, извршен уредник на „Артнет њуз“.

Кон почетокот на оваа година, едно истражување на Чад Топаз откри дека американските музеи исто така се измачуваат со диверзитетот. Неговите податоци покажуваат дека колекциите на 18 -те најголеми институции биле 85 проценти бели и 87 проценти машки.

– Светот на уметноста едноставно не е либерален, прогресивен бастион како што тој самиот си замислува. И не можете да решите некој проблем ако не го поседувате – изјавила Хелен Молсворт, поранешна главна кустоска во Музејот на современата уметност во Лос Анџелес.