Највлијателни современи уметници на денешницата
Изминатиот период на самоизолација не ги спречи британските уметници Антони Гормли и Аниш Капур да творат, со што тие веќе ги прикажуват или најавуваат нивните дела создадени за време на пандемијата. Гормли го прифати предизвикот да изработи дело за Националната галерија на Сингапур без претходно да ја посети локацијата, додека Капур во октомври ќе претстави негови слики во Галеријата на современа уметност во Оксфорд, а најави уште еден амбициозен проект во Венеција. Гормли се осврна и на затворањето на галериите и музеиите за време на пандемијата во неодамнешно интервју.
– Очигледно е дека во време кога луѓето не можат да одат на овие специфични локации каде што уметноста е хоспитализирана, категоризирана, каталогизирана и конзервирана, дека ние ќе препознаеме оти уметноста може да изврши и поинаква функција. Дека музеите со контролирана клима и осветлување одземаат многу од потенцијалниот дијалог на скултурата со изминатото време и со локацијата. Кога растев единствено се надевавте дека ќе станете меѓународно познат уметник и дека вашата работа ќе оди насекаде. Мислам дека во времето на климатската тревога и на коронавирусот, тој модел едноставно не функционира – објаснува Гормли.
Скулптурите на Гормли можат да се забележат од градовите до крајбрежјата, протегајќи се од австриските Алпи до солените езера во Западна Австралија. Делата кои го претставуваат човечкото тело му овозможија на британскиот уметник да направи кариера преку идејата дека уметноста не се наоѓа само во галериите, туку веројатно има поголема моќ кога е изложена јавно. Гормли честопати го користи сопственото тело како модел за склуптурите, велејќи дека уметноста е претставена во приказните што се раскажани преку нив.
Најпознато дело на британскиот уметник е „Ангелот од северот“ од 1998 година кое е поставено на врв на рид во Гејтсхед, Англија, а кое Гормли го смета за „негов Стоунхенџ“. Но Гормли несомнено имаше и значителен број на конвенционални изложби, уште од првата соло изложба во 1981 година и особено по добивањето на наградата „Тарнер“ во 1994 година. Неодамнешната изложба во Кралската академија во Лондон овозможи увид во честопати превидениот распон на работата на Гормли – од неговите рани склуптури создадени од, на пример, леб и јаболка, како и заплетканите пружини од алуминиумски цевки, па до делата моделирани според неговото тело.
Британскиот скулптор и сликар Аниш Капур неодамна објави дека ќе има изложба на слики во Галеријата на современа уметност во Оксфорд, како и дека ќе ја реновира палатата „Манфрин“ од 18-от век, каде што ќе престави колекција на неговите дела. Згора, палатата треба да стане седиште на неговата фондација, а предвидено е реновирањето да трае барем до 2023 година.
Капур кој е родум од Мумбај, се опишува себеси како „сликар кој работи како скулптор“. Тој ја претставуваше Британија на 44-то биенале во Венеција, добивајќи ги престижните награди „Премио дуемила“ и „Тарнер“ во 1991 година. Венеција претставува долгогодишна инспирација за славниот уметник.
– Го засакав овој град и неговите сликари, вајари и архитекти. Се надевам дека можам да додадам нешто на овој речник на бои и облици кој претставува подарок на Венеција за светот – изјави Капур, кој заедно со уште 20 истакнати уметници потпиша отворено писмо барајќи од италијанските власти да ја чуваат Венеција од прекумерен туризам.
Студентите што ќе се запишат на Факултетот за ликовни уметности (ФЛУ) во претстојната академска година ќе имаат прилика да добијат образование и обука што ќе им овозможат самостојно да опстојат на домашната или на меѓународната ликовна сцена по завршувањето на студиите. Во рамките на ФЛУ се реализираат студиски програми по сликарство, вајарство, графика и по ликовна педагогија. Пријавувањето за уписот е во тек.