Новата книга во едицијата „ПРОаЗА“, романот „Кога светлината згаснува“ на Ојген Руге, за кој во 2011 година ја доби најпрестижната германска награда „Книга на годината“, излезе деновиве од печат во издание на „Или-или“. Преводот од германски јазик е на Ксенија Чочкова, дизајнот на корицата е на Марија Смилевска, а излегувањето на книгата финансиски е поддржано од мрежата „Традуки“.
Приказната во романот „Кога светлината згаснува“ следи неколку генерации на семејството Умницер во текот на педесет години, а секој член го дава гласот на својата страна од приказната. Прикажано е влијанието на пошироките историски случувања на животот на ова семејство, некогаш дел од комунистичката елита, чија социјалистичка утопија со текот на времето почнала да згаснува.
Со мудрост, хумор и голема емпатија, а потпирајќи се на сопствената семејна историја, Ојген Руге величествено ги следи приказните и на ова семејство и на ГДР, додека го истражува трагичното испреплетување на политиката, љубовта и семејството под источногерманскиот режим. Книжевните критичари се едногласни дека се работи за литерарно ремек-дело.
Авторот Ојген Руге е роден 1954 година во Сосва (Урал). Студирал математика на универзитетот „Хумболт“, а подоцна работел во Централниот институт за физика. Пред да замине од ГДР на Запад, во 1988 година работел и во студиото за документарен филм ДЕФА. Од 1989 година работи за повеќе театри и радиостаници како автор и преведувач. За својот прв ракопис „Кога светлината згаснува“ во 2009 година ја добива наградата „Алфред Деблин“ и подоцна во 2011 година за истиот роман најпрестижната германска награда „Книга на годината“.