Кинотеката на Македонија организира ревија на филмови на режисерот, сценарист и продуцент Митко Панов на 8, 9 и 10 декември во кинотечната сала. Филмофилите ќе имаат можност да ги видат неговите кратки филмови „Со кренати раце“ (креативен документарец) и „Ливада“ (игран), долгометражниот документарец „Земјаци“ и долгометражните играни филмови „Војната заврши“ и „Сведок“ (во кој славниот актер Бруно Ганц ја оствари својата последна главна улога на филм). Панов ќе биде присутен на проекциите и ќе одговара на прашањата на публиката.
Митко Панов студирал сликарство на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Во периодот од 1983 до 1988 година студира филмска режија на Високото државно училиште за филм, телевизија и театар во Лоѓ, Полска. Неговите остварувања се емитувани на голем број телевизиски станици. Првиот негов краток филм „Леб и сол“ е снимен во 1986 година, во бродоградилиштето „Ленин“ во Гдањск, местото каде што во 1980 година е формиран независниот синдикат „Солидарност“ и жариште на демократските промени во Полска во 1980-тите години…
Митко Панов со својот студентски филм „Со кренати раце“ (во полска продукција), снимен во 1985 година, е сосема нетипичен никулец. Тој филм по шест години, во 1991-та, учествува на фестивалот во Кан и ја добива „златната палма“ за најдобар краткометражен филм. Претходно филмот исто така добивал награди на фестивалите во Краков, Минхен, Тел Авив, Римини и Монте Касино, но наградата во Кан ја заокружи неговата приказна. За краткиот документарец „Бериќет“ во 1995 година, на Меѓународниот филмски фестивал Исмаилија (Египет), доби гран при за режија. Панов со децении предава филм на универзитети во САД и во Европа. Еден од неговите студенти бил и режисерот оскаровец Стив Меквин од Англија. Екранизацијата на романот „Пиреј“ на Петре М. Андреевски останува негов сè уште неостварен филмски сон…
Првата проекција е утре, во 18 часот.