На Факултетот за музичка уметност до 21 март ќе гостува Урша Рупник, кореографка од Словенија, која ќе одржи работилница за студентите од студиската програма за балетска педагогија – современ танц од класата на Искра Шукарова од ФМУ, како и за ученици од средниот оддел – класичен балет и модерен танц од државниот музичко-балетски училиштен центар „Илија Николовски-Луј“ во Скопје. Урша Рупник работи како кореографка со етаблирани уметници од современата танцова сцена во Словенија, како Росана Хрибар, Грегор Луштек и Матјаж Фариќ, но има реализирано повеќе кореографски проекти и на современата интернационална танцова сцена.
Последната деценија таа е асистентка на етаблираниот кореограф Џо Алегадо (САД), со кого соработува како педагог, танчарка, кореографка и е дел од неговата танцова компанија во Прага. Рупник ќе работи со студентите на синтеза на современите и модерните танцови техники, основани врз нејзиното искуство како танчарка и кореографка. Таа е инспирирана од работата со Алегадо и неговиот истражувачки принцип.