Промоција на романот „Југослав“ од Ана Вучковиќ од Србија ќе се одржи утре (26.10.2021) со почеток во 20 часот во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар. Промотори ќе бидат Лилјана Пандева и Сашо Огненовски, кој воедно е и преведувач на делото.
Разговорот ќе го модерира Јулијана Величковска.
– „Југослав“ е роман за загубата на таткото, а со него и загубата на детството, но и на државата во која бевме деца. За генерациите што растевме за време на распадот на Југославија, но уште повеќе, за генерацијата пред нас, онаа на нашите родители, што имаа можност дел од младоста да им мине во Југославија каква што ја паметат југоносталгичарите. Тој кус период на спокој и на уживање, времето кога се работело од седум до три, а потем следувале семејните ручеци, попладневните дремки, дружење, двонеделни одмори на море…
Ова е роман за сите ќерки што кога се гледаат во огледалото ја гледаат женската верзија од татка си. А кога ќе станеме мајки, ги бараме неговите црти и фацијални експресии во нашите деца. Роман за недостигот, за бизарноста на смртта. Роман во кој секој ќе се препознае себеси или своите блиски, напишан како интимна исповед, како роман на текот на свеста, питок и елегичен. Роман што ќе ве потсети на деталите од космосот на детството, но и на хаосот што зреењето и соочувањето со смртта го носат. Роман ‒ емоционален ролеркостер! Што ќе ве насмее и ќе ве расплаче во една единствена реченица ‒ вели за романот Јулијана Величковска.
Преведувачот на делото, Сашо Огненовски, вели дека романот е своевидна интима на општеството.
– Овој роман е своевидна вивисекција на интимата внатре во општеството што своите правила ги поставило на многу едноставен начин, рапсодија на деструкцијата и несфатеноста, којашто никако да запре, и интерпретација на едно “друго тело“ што кореспондира со суровоста и со отуѓеноста ‒ вели Огненовски.
Ана Вучковиќ (1984, Белград) дипломирала на Факултетот за драмски уметности на отсекот за драматургија, а магистрирала на филмологија. Писателската кариера ја започнува на петнаесетгодишна возраст во 1999 година, кога за краткиот расказ „Нишалка“ ја добива наградата „Борислав Пекиќ“. Авторка е на романите: „Епохата пцовиса вчера“ (2003), „Ласт’н’даст“ (2004), „Сурфинг Србија“ (2021) и „Југослав“ (2019), како и на збирката раскази „Плишаниот солитер“ (2007).
Со својот прв роман и со романот „Југослав“ беше во потесен круг за НИН-овата награда, додека, со збирката раскази „Плишаниот солитер“ беше во потесен круг за наградата „Исидора Секулиќ“.
Таа е новинар во Радио Белград, пишува колумни за „Сити магазин“ и уредник е на повеќе емисии на Радио Апарат ‒ алтернативна радиостаница во Белград.
Изданието е поддржано од Министерството за култура и информирање на Република Србија.
Настанот ќе биде организиран согласно протоколите за заштита од ковид-19.