Најновата книга на Љубомир Грбевски „Лет со умот кон папокот на универзумот“ ќе биде промовирана денеска, во 12 часот, во градската кафеана „Пелистер“, во рамките на манифестацијата „Скопско лето“. Промотор на книгата ќе биде писателот Стево Симски, а музичката поддршка ќе биде од Јаков Дренковски. Делови од пиесите ќе изведат актерите Елизабета Клинчаревска Младеновска-Ели и Кирил Трајковски-Максим.
Книгата содржи три драмски новобајковни текста за деца и за тинејџери „Лет со умот кон папокот на универзумот“ (пиеса што ѝ го позајмува името на целата книга), „Здодевна бајка“ и „Шумско востание“ (една бајковидна басна), кои се пишувани во стихови со комедиографски перформанси. Станува збор за пародирани и деконструирани класични бајки и одново конструирани и стокмени со нов наратив и со современ сленг-јазик на „новите клинци“, нивниот „новојазик“.