Во ОУ „Климент Охридски“ во Прилеп во паралелката за посебни потреби денеска беше промовирана детската едукативна сликовница „Иван и Илина“ од Мимоза Петревска Георгиева. Сликовницата е приказна од секојдневието, која отсликува неколку реални ситуации на едно типично дете кое ќе се сретне со дете со Даунов синдром.
Новинарката Мимоза Петревска Георгиева, е мајка на девојче со Даунов синдром, а илустратор на сликовницата е академската сликарка Маја Стефановска.
-Ова е приказна за едно поинакво пријателство која ги отсликува запрашаноста, дилемите и стравовите со кои се соочува едно типично дете кога првпат ќе сретне дете со Даунов синдром. Со оглед на тоа што од ваков тип литература кај нас речиси и да нема, оваа книшка ќе биде едукативна алатка која ќе им помогне и на наставниците полесно да разговаат со учениците на оваа тема. Сликовницата е наменета за деца од 7 до 12 години. На крајот има совети на приемчив јазик за децата – вели авторката.
Сликовницата е отпечатена на македонски и албански јазик и е поддржана од Министерството за култура на Република Македонија, во едиција на здружението „Сината птица“.
К.М.