Од печат излезе книгата „Приказни за добра ноќ“ од Наталија Наумовска, која веќе постои во е-верзија, но делото е дополнето со втора целина прозни творби. Авторката изјави дека ова е нејзина втора печатена книга што ја видела светлината на денот, чија кратка промоција се одржа онлајн на нејзините Фејсбук и Инстаграм профили, но доколку има втор тираж, таа ветува дека ќе се потруди да организира соодветна промоција како што му доликува на ова нејзино достигнување. Книгата доживеа мало претставување преку профилите на Инстаграм и на Фејсбук од самата авторка, каде што таа со своите пријатели и следбеници го прикажа првиот допир со штотуку пристигнатите копии од книгата.
– „Приказни за добра ноќ“ е склоп на прозни дела, кратки дијалози и кратки приказни, кои претендираат да допрат до секој читател што ќе биде во допир со оваа книга. Изобилуваат со длабоки размисли, кои секого би го натерале да се запраша за многу работи одново и одново. Настанати се низ подолг временски период, а секој расказ е посебен и претставува своевидна приказна. Неповрзани, со различни тематики, со различни пораки, а исти во едно нешто: да допрат до сечие срце – беше кажано на претставувањето.
Првиот дел од оваа книга е веќе објавен во е-верзија и е награден на конкурс со поддршка од УНЕСКО во 2016 година, а содржи 33 кратки раскази. Ова печатено издание е дополнето со втор дел, исто така прозни творби, во кој се наоѓаат дополнителни 26 кратки раскази. Книгата ја доби втората награда на манифестацијата „Дата Песнопој“ – Битола поради што беше овозможено нејзиното печатење.