Делото „Мартин Крпан – Дипломат и воин“ од проф. д-р Милан Јазбец, актуелен амбасадор на Словенија во Македонија, беше промовирано вечерва во мултимедијалниот културен центар „Матица ексклузив“ во Скопје. Преводот на македонски јазик е на проф. Соња Должан. Изданието го вклучува и ревидираниот превод на повеста „Мартин Крпан“ од словенечкиот писател Франк Левстик.
Промоцијата свечено ја отвори писателот Раде Силјан, а промоторка беше проф. д-р Весна Мојсова – Чепишевска. Промоцијата ја развеселија дечиња со танцување на познатата словенечка песничка „Мачорот Буни“, како и музичка група од Велес која изведе неколку композиции, но и една песна компонирана од Милан Јазбец.
– Иако хуморот произлегува од неприлагоденоста, различноста на Крпан во однос на дворјаните од Виена како и од нивната корумпираност, набрзо тој хумор ги свртува читателите, а и потенцијалните смејачи против оној што ги засмејува, а застанува во одбрана на идеализмот на Крпан. Сепак, она што нас не интересира е токму тоа, каков дипломат и воин е овој Мартин Крпан на Милан Јазбец. И така, ред по ред, Јазбец ги исчитува карактеристиките на Крпан, кои може да го дефинираат него како дипломат и воин, па детектира како Крпан се изразува, како детектира одреден протокол, колку знае да ласка, да употребува мудрости во вистинско време и но вистинско место, колку може активно да учествува во преговори, колку е ладнокрвен, колку е вешт, колку е претпазлив, храбар, тактичен, колку држи до својот углед, колку успева да се снајде во дворските сплетки, до кој степен е посреден, а до кој непосреден, зашто дипломатите најмногу кажуваат тогаш кога молчат, и колку е помала државата, толку нејзините дипломати мора да бидат поубедливи и повеќе оспособени за да можат да бидат успешни. Притоа Јазбец сето тоа го прави доста опуштено, игриво, со дозволена доза на здрав на хумор, но и со сериозна посветеност на исчитувањето на постапките кои ќе ја докажат тезата дека Мартин Крпан е вистински дипломат, но и воин – вели Весна Мојсова – Чепишевска.
Јазбец за Мартин Крпан вели дека тој е различен од сите други митски јунаци. Крпан е опишан како дипломат, јунак кој не е бунтовник против владетелот. Тој соработува со царот на државата. Тој своите задолженија ги извршува не поради тоа што мора или поради закани, туку поради тоа што царот го замолил и му дал инструкции. Крпан го извршил херојското дело надвор од земјата, што значи дека таа задача била меѓународна, а неговата улога е дипломатска. Потоа, откако Крпан победил, за време на преговорите со царот се договорил каква ќе му биде наградата. На крај, пред да замине во својот дом, Крпан вели „доколку повторно се случи нешто вакво и имате потреба од мене, јас ви стојам на располагање“. Овие пет карактеристики, вели Јазбец, нема да ги најдете кај ниту еден од светските јунаци.
– Сите три преводи на Мартин Крпан излегоа минатата година. Ова е голем ден за мене, бидејќи книгата излезе на македонски, албански и на руски јазик. Секој од овие преводи има некои свои специфики. Уникатноста на македонскиот превод од Соња Држан е во тоа што Крпан доаѓа за читателска публика која веќе знае за Крпан од претходни времиња. Приказната за Крпан е преведена преку 80 пати во Македонија, а се учела приказната и во училиште. Албанското издание е специфично бидејќи албанската публика за првпат на својот јазик се среќава со херојот Мартин Крпан. За време на СФР Југославија, Мартин Крпан е преведен на сите јазици кои биле говорени, освен на албански и навистина сум горд што оваа приказна е преведена на албански јазик. Потоа на руски јазик, првата приказна за Крпан е претставена во 1882 година и потоа во 1895. Третиот превод е од 2012, а ова е четврти превод на приказната за Крпан адаптиран за руската публика, така што на рускиот читател овој јунак му е веќе познат – вели Милан Јазбец. В.Т.