Во најновиот број на познатото, авангардно словенечко списание за култура, „Апокалипса“, објавени се преводи на два подолги раскази, „Писмо“ и „Полковникот Тик“ на Александар Прокопиев, преземени од неговата најнова книга „Делфинот“. Преводот е на Тим Сенчар. Инаку досега, одделни раскази од „Делфинот“ (издание на „Бегемот“) се преведени и објавени на чешки, унгарски, српски и на хрватски јазик, а книгата е во процес на преведување кај српскиот издавач „Геопоетика“ и кај словенечкиот „Апокалипса“.

Прокопиев досега напишал десетина книги кратки и подолги раскази, есеи, роман и хаику-збирки. Делата на Прокопиев се преведени на англиски, италијански, полски, словенечки, хрватски, српски, албански, турски и арапски јазик, а одделни негови прози, есеи и хаику се печатени и на руски, јапонски, француски, чешки, словачки, унгарски и други странски јазици. Во 2007 година неговиот роман „Ѕиркачот“ влезе во најтесниот избор за угледната меѓународна книжевна награда „Балканика“, што ја доби во 2011-та за збирката раскази „Човечулец (бајки од левиот џеб)“.

Во младоста активно и успешно се занимавал со рокенрол и со алтернативен театар, а во последните години е сценарист и косценарист на анимирани филмови, што имаат добиено низа награди по меѓународни филмски фестивали.