Во чест на 9 мај – Денот на Европа, Градоначалникот на Ресен Живко Гошаревски и Јордан Плевнеш, Претседател на Уметничкиот совет на Интернационалниот театарски фестивал Актерот на Европа, соопштија дека добитник на престижното признание Актер на Европа 2019, е легендарната португалска театарска и филмска актерка, Мариа До Сеу Гера, основач на култниот театар Барака од Лисабон.
Таа ќе пристигне во Македонија на 5 јули 2019, во придружба на поголоем број културни работници од Португалија и екипа на Португалската радио-телевизија РТВ. Вечерта, на 6 јули во Сарајот во Ресен, на свечената церемонија по повод отворањето на фесетивалот Актерот на Европа , со ексклузивна проекција специјалниот документарен филм од сите нејзини театарски и филмски креации, ќе и биде доделена оваа меѓународна награда.
Во нејзиното писмо до Гошаревски и Плевнеш, таа истакнува дека е пресреќна што ќе го открие меѓуграничниот европски парк на Преспанското езеро и Македонија, и воедно е почестена што нејзиното име ќе биде запишано во европската културна меморија, заедно со такви актерски величини, како што се досегашните добитници: Љуба Тадиќ од Србија, Брус Мејерс од Велика Британија, Марсел Бозоне од Франција, Милена Зупанчич од Словенија, Ана Патерсон од Шведска, Раде Шербеџија и тн.
Оваа година на 17 издание на Интернационалниот театарски фестивал Актерот на Европа (6-11 Јули), на повеќе локации во Преспа, ќе настапат реномирани театри од Балканот и Европа, а посебен куриозитет е што, наспроти апелот на градоначалникот Гошаревски и на многу истакнати имиња на европскиот театар, Министерство за култура одлучи да не го поддржи единствениот меѓународен културен фестивал во регионот.