СЕДУМДЕСЕТ ГОДИНИ НАЦИОНАЛЕН БАЛЕТ

Седум децении подоцна, Олга Панго, директорката на Балетот, за чествувањето на големиот јубилеј ја одбира истата претстава – „Валпургиска ноќ“ со Габор Кевехази од Унгарија како кореограф

Со премиерните изведби на „Валпургиска ноќ“ од операта „Фауст“ на Шарл Гуно и „Кармен“ од Жорж Бизе и Родион Шчедрин, во кореографија на Габор Кевехази од Унгарија, в сабота на 5 октомври во 20 часот ќе започне сезоната 2019/2020 на Националниот балет. Со оваа премиера започнува одбележувањето 70 години постоење на Балетот, всушност истата претстава што Балетот на МНТ ја прикажал на 27 јануари во далечната 1949 година.

Седум децении подоцна, Олга Панго, директорката на Балетот, за чествувањето на големиот јубилеј ја одбира истата претстава – „Валпургиска ноќ“ со Габор Кевехази од Унгарија како кореограф, Бисера Чадловска како диригентка со оркестарот на НОБ, Марија Ветероска – сценографка, Марија Пупучевска – костимографка, Марија Кичевска Шокаровска и Христина Наќевска во улогата на Ваханалка, Саша Евтимова и Андријана Петковски како Нимфа 1, Ивана Коцевска и Ивана Димкоска како Нимфа 2 и Мирослав Митрашиновиќ, Николас Орсо, Кристијан Јангос како трите момци во црно.

Балетот ја прошири јубилејната програма и со „Кармен“ од Жорж Бизе и Родион Шчедрин, каде што насловната улога им е доверена на првенките Александра Мијалкова и Мими Поп Алексова Атанасовска, Дон Хозе е Болаш Лашеи од Унгарија, Ескамиљо – Васил Чичиашвили од Грузија и нашиот Мирослав Митрашиновиќ.
– Овие две претстави, иако и досега биле поставувани, сега ќе ги видиме во едно ново руво, со една современа нота, поинаку од она што било работено некогаш за што се погрижи нашиот гостин кореографот Габор Кевехази од Унгарија – најави Панго.
Кевехази посочува дека сон на секој кореограф е да ги постави на сцена „Кармен“ и „Валпургиска ноќ“, бидејќи тие се две прекрасни дела, од двајца музички великани, Жорж Бизе и Шарл Гуно.

– Кога почнав со работа со балетот во Скопје, точно знаев што сакам да направам. Комбинирајќи различни стилови на движења, сакав да презентирам чиста, неокласична, сложена технички и возбудлива кореографија за македонската публика. Би сакал да истакнам, дека добив огромна поддршка од прекрасниот балетски ансамбл Националната опера и балет – вели Кевехази, кој за време на кариерата како балетски солист, настапувал во познати театри низ светот, како што се: Ковент Гарден во Лондон, Виенската државна опера, Државната опера во Минхен, театарот „Болшој“ во Москва и театарот „Киров“ во Санкт Петербург.

За време на својата кариера, се стекнал со огромно искуство работејќи во водечките светски класични балетски компании, а во исто време, креирал широка меѓународна мрежа на односи. Габор Кевехази не е само балетски солист, туку и креативен уметник. Неговите кореографии на „Балинка“ (работена според музиката на ДИП ФОРЕСТ), „Кристофоро“ (Бела Шакци Лакатос), „Зорба“ (Микис Теодоракис) и „Ода на радоста“ (Лудвиг ван Бетовен), постигнале огромни успеси во неговата родна земја, но и во држави како Мексико и Грција. Габор првпат бил директор на балетот во Националната унгарска опера од 1989 до 1992 година, потоа го основал „Будафест“, летниот фестивал на операта и балетот, а од 2001 па во наредните четири години бил прв човек и на балетот во Печ и успеал да го издигне во реномирана европска компанија.


Белградски балетани за првата „Травијата“

За формирањето на Балетот, неговиот основач Ѓорѓи Македонски ќе истакне: „За шеф на балетот на Државната опера во Скопје, сум поставен со акт за стапување на должност, бр.2226 од 1 јули 1948 година… Истата година претстоеше премиерата на операта ’Травијата‘, а во неа има балет. Бидејќи во Скопје не постоеја балетски играчи, ниту балетско училиште, бев принуден од Белград да донесам балерини и играчи… Ангажирав една група од 25 члена и со неа почнав да ја подготвувам кореографијата за ’Травијата‘. Истовремено објавивме конкурс за едногодишен балетски курс, на кој се пријавија 120 кандидати. По аудицијата, задржавме 30 девојчиња и сите 30 машки што се пријавија…“

Нов балетски празник се случил на 30 декември 1949 година, кога младиот ансамбл го прикажал својот прв целовечерен балет „Бахчисарајска фонтана“ од Борис Асафјев, исто така во кореографија на Ѓорѓи Македонски. Во „Бахчисарајска фонтана“ се појавува практично и првата генерација македонски балетски играчи, кои во следните години, а повеќето од нив во следните две децении, ќе бидат главни носители на репертоарот. Меѓу нив се имињата на Натка Пенушлиска, Светлана Мавровска, Магдалена Јанева, Олга Милосавлева, Емилија Џипунова, Елица Поповска и Јанка Атанасова, односно Тони Шулевски, Александар Гочков и Љубомир Спасовски, малку подоцна и Вера Божинова, Смиљка Силјанова и Олга Дорошева.