Големиот број примери укажуваат на тоа дека подоброто меѓусебно запознавање на активните уметници, олеснетата комуникација, размената на идеи и искуства би ја направиле културната сцена подинамична
Вредностите на креативните творци најчесто остануваат запечатени во одредени затворени мали кругови на колеги и познаници од истата област поради недоволната комуникација и размена на идеи и нудење можност за соработка. За поврзување на уметниците од различни области постои идеја за формирање онлајн-платформа за нивно вмрежување. Станува збор за „Даста нетворкинг“, зад која стои центарот за образование, култура и уметност „Данаил Станојески“.
– „Даста нетворкинг “ е замислена како онлајн-платформа за интелигентно поврзување, комуникација, разменување контакти, идеи, проекти, искуства на уметници од Македонија, кои активно создаваат во различни уметнички дисциплини.
Оваа платформа е исклучително корисна затоа што со бесплатното креирање профил, секој уметник се претставува себеси, своите амбиции, завршени проекти, идни проекти, своите вештини и преференции за идни соработки. Покрај примарните корисници, кои би биле уметници (театарски, филмски, визуелни, ликовни, музички, писатели, аниматори, стрип цртачи, уметнички активизам итн.), секундарни корисници на платформата би биле субјекти што можат исто така да се вклучат во проекти нудејќи поддршка – вели Загорка Поп-Антоска Андовска, драматург, режисерка, професорка и иницијаторка на „Даста нетворкинг“.
Центарот за образование, култура и уметност „Данаил Станојески“ аплицира со проектот „Даста нетворкинг“ во Министерството за култура, но проектот не доби финансиска поддршка.
– За жал, Министерството за култура во оваа идеја не препозна квалитетен проект и не го поддржа финансиски, со други зборови, им ја одзеде можноста на сите оние на кои не им се доделени средства за проекти, да се самоорганизираат и заемно да си помогнат да ги реализираат своите уметнички идеи. И повторно, по две години активно аплицирање, оставени сме сами на себе без средства да ја реализираме.
Останува да бараме други начини, но не сакаме да се откажеме, затоа што е очигледно дека платформата е повеќе од потребна – вели Поп-Антоска Андовска.
Според неа, социјалните мрежи играат некаква слична улога, но сепак станува збор за расфрлени податоци, кои можеби ќе стигнат, а можеби и нема да стигнат до вистинските луѓе. Покрај уметниците, свој профил би можеле да отворат и јавните и приватни институции од областа на културата, кои исто така би требало да учествуваат во оваа уметничка „берза“.
– Секој што има отворено профил на платформата, би можел да ги следи своите колеги, но и да запознава нови. Повеќе нема да биде потребно прашањето „Извини, знаеш ли некои од младиве ликовни уметници?“. Секој би знаел каде може да ги најде уметниците, со своите актуелни, завршени и идни проекти. Еден од најголемите предизвици на платформата практично е и промовирањето во јавноста, па затоа оваа наменска платформа би можела да вмрежи, да зближи уметници од различни уметнички полиња, а со тоа да придонесе кон подинамична културна сцена – додава таа.
Според актерот Ристе Ѓорѓиевски, идејата е одлична.
– Така би се отвориле вратите и за тие што се надвор од круговите што сега постојат или, пак, ќе се формираат нови кругови со нови идеи, ентузијазам и енергија – вели тој.
Големиот број примери укажуваат на тоа дека подоброто меѓусебно запознавање на активните уметници, олеснетата комуникација, размената на идеи и искуства би ја направиле културната сцена подинамична. Поголемата меѓусебна поддршка, како и поголемата соработка, почестата посетеност на културните настани и зајакнувањето на колегијалноста се рецепт за поквалитетни уметнички продукти.
– Со овој проблем се судираат многу млади актери по завршувањето на своето академско образование. Многу е тешко да дојдеш до соработка со некој, освен ако не се познавате лично. За нас, актерите, во годината има само два-три кастинзи – вели Ѓорѓиевски.
И Ристе Манасиев, аниматор, моментално вработен во анимациското студио „Линкс“, смета дека идејата може многу да ѝ помогне на мултимедијата како струка, а тука се вбројуваат и дигиталната уметност (дигитално сликарство и дигиталното цртање), графичкиот дизајн, развојот на видеоигри и дизајн, дигиталната анимација, специјалните ефекти, гранки што кај нас во последно време сѐ повеќе земаат замав. Според него, позитивно што на социјалните мрежи се формираат групи, чија цел е да се соберат ваквите профили луѓе за да се олесни наоѓањето работа, но тоа, иако се случува, се случува многу ретко.