Ремек-делата креирани за кралот Филип Втори се изложени во лондонската
национална галерија, пред да бидат однесени на турнеја низ Единбург, Мадрид и Бостон
Долгонајавуваната изложба во Националната галерија во Лондон, посветена на венецијанскиот ренесансен уметник е именувана „Тицијан: љубов, копнеж, смрт“. Според бројот на делата што се изложени, само седум, некој би рекол дека се работи за мала изложба, но репутацијата и славата на овие слики му даваат епско значење на настанот. Имено, првпат по 16 век, на едно исто место се наоѓаат шесте прекрасни „поетски“ слики со митолошка тематика, кои во периодот 1553 – 1562 година Тицијан ги насликал за кралот Филип Втори од Шпанија.
Се работи за „Данаја“ од велингтонската колекција во Лондон, „Венера и Адонис“ од мадридскиот национален музеј „Прадо“, „Персеј и Андромеда“ од лондонската колекција „Валас“, „Дијана и Калисто“ и „Дијана и Актеон“, во заедничка сопственост на лондонската национална галерија и Националната шкотска галерија во Единбург, и „Силувањето на Европа“ од бостонскиот музеј на Изабела Стјуарт Гарднер. Тука е и седмата слика во серијата, „Смртта на Актеон“, и ова дело било наменето за Филип Втори, но никогаш не му било испорачано.
Самиот Тицијан ја нарекол оваа серија „Поезија“, бидејќи сакал седумте слики да личат на поезија на платно, односно да потсетуваат на еден вид насликана поезија, бидејќи сите биле инспирирани од Овидиј и неговото дело „Метаморфози“. Специјално за кралот Филип Втори, Тицијан насликал неколку митолошки сцени со силни еротски елементи. Во своите писма до кралот, уметникот ги опишал своите слики како поетски и бајковити. Тоа би можело да се преведе на неколку начини: дека сликите се базираат врз литературен извор, дека поезијата и сликарството имаат иста креативна основа, како и дека сликарот, исто како и поетот, има право на одредена слобода и уметнички разврат.
Оваа серија на слики е производ на една од најпродуктивните историски соработки помеѓу уметник и патрон. Тицијан, кој во тоа време бил најпознат светски уметник, првпат го запознал Филип Втори во 1548 година, додека тој сѐ уште бил принц и се подготвувал да го наследи тронот на татка си, Чарлс Први од Шпанија, кој абдицирал во 1556 година. Филип и Тицијан почнале да ја планираат поетската серија во 1550 година; се работело за многу специфична колекција, токму поради независноста во работата што владетелот му ја дозволил на славниот уметник, сакајќи во таа слобода неговата брилијантност да дојде до најголем израз.
И навистина, оваа соработка помеѓу спонзорот и сликарот резултирала со еден извонреден уметнички опус.
– Она што е фасцинантно е неверојатната разновидност на техники што Тицијан ги користел, но и неговиот постојан личен раст и развој за време на создавањето на овие безвременски дела – вели за списанието „Уметнички весник“ кураторот Матијас Вивел, одговорен за изложбата во Лондон.
Многу дискусии се водени во врска со еротските елементи и изобилството женска голотија на сликите, за кои често се сметало дека се во директна спротивност со побожноста на Филип. Но, од друга страна, како млад принц и иден крал, неговите сексуални апетити биле толкувани во рамките на нормалното и поткрепени од голем број сведоци.Запрашан за мислење во врска со дискусијата, кураторот Вивел тврди дека моќта на оваа серија на Тицијан не се крие само во сензуалноста на делата туку и во нивната сетилност: тие не ги привлекуваат само нашите сетила за вид и допир, туку исто така и оние за мирис и звук, што значи дека венецијанскиот уметник бил и еден вид синестетичар.
Сепак, и покрај значењето и важноста на колекцијата, таа веројатно била во целосен состав само околу 17 години, бидејќи се претпоставува дека „Персеј и Андромеда“ во 1579 година му била подарена на еден од најблиските советници на Филип. Конечно, по повеќе од 400 години, сите парчиња се повторно на купче, најпрвин во Лондон, а потоа и во Единбург, Мадрид и во Бостон. Кураторот Матијас Вивел е меѓу првите што го виделе нивното ново обединување.
– Знаете ли колку е моќна глетката само на една од овие слики? Е па, замислете, сега одеднаш ќе бидат шест, плус уште една. Тоа е нешто навистина извонредно – вели Вивел.