На локација во хотел „Водно“ денеска почнува снимањето на краткометражниот игран филм „Вера“ по сценарио и режија на Верица Недеска, копродукција помеѓу „Стори скоп“, „Фокус покус филмс“ и Филмската академија од Охрид.
– Приказната на филмот отвора силно морално прашање за еутаназијата, како и прашањето за преземање на одговорноста како индивидуа. Раскажува за младата Ника која е во голема дилема – дали да го роди бебето, да даде или да земе живот. Тој ден ја среќава и заборавената актерка Вера, која сака да умре… – инфромира Агенцијата за филм која финансиски го поддржа филмот.
Во главните улоги се Сабина Ајрула и Симона Димковска, а во актерската екипа се и: Александар Степанулески, Јовица Михајловски, Јасмина Василева, Ристо Стефановски и Верица Недеска.
Кинематографер е Димо Попов, костимографијата е на Жаклина Крстевска, а сценографијата на Дејан Спасовиќ.