Според аналогиите на слични гробници во поглед на архитектонскиот концепт, гробницата може да се датира во последната четвртина на 4 век пред нашата ера
Екипа од археолози, предводена од Антонио Јакимовски, деновиве ги почна археолошките истражувања за 2020 година на локалитетот Старо Бонче во близината на Прилеп. Истражувањата се насочени кон блиската околина на владетелската гробница од македонски тип сместена на локацијата Павла Чука.
-Локалитетот е голем тумул, под кој во раната антика имало оформено гробница составена од дромос, всечен во карпа, кој во вид на рампа се спушта во засводениот дромос, изѕидан од монументални блокови, со над четири тона тежина поврзани меѓу себе. Од дромосот се влегува во преткомората и комората, зачувани во висина од два метри. За жал, гробницата била ограбувана многупати во минатото и затоа досега не се откриени наоди со кои може да се изврши соодветно хронолошко и типолошко детерминирање – вели Јакимовски.
Сепак, според аналогиите на слични гробници во поглед на архитектонскиот концепт, гробницата може да се датира во последната четвртина на 4 век пред нашата ера.
– Целта на овие истражувања е да се истражи западно од отворениот дел од дромосот, каде што во минатата кампања во 2019 година се пронајде исклучително значаен материјал од средниот век. Наодите од првата половина на 11 век ни укажуваат на тоа дека гробницата, освен низ целата антика, била позната и почитувана и во средниот век – додава Јакимовски.
Финансиските средства за истражувањето се обезбедени од Министерство за култура, а носител на проектот е Филозофскиот факултет Скопје – Институтот за историја на уметноста и археологија, во соработка со Заводот и музеј во Прилеп.
Освен раководителот на проектот Антонио Јакимовски, во тимот учествуваат и Виктор Лилчиќ Адамс, Драги Митревски и Марјан Јованов од Институтот за археологија при Филозофскиот факултет во Скопје, како и археолозите Душко Темелковски, заменик-раководител, кустос советник, Оливера Јандреска, кустоска, и Владимир Крстески, конзерватор од прилепскиот музеј.
Придонес во годинашните археолошки истражувања даваат и студенти од Институтот за археологија и од Институтот за историја.