Со почеток од 19 часот во МКЦ ќе се одржи петтото издание на фестивалот „Востание“ во организација на Diehard Records & Booking. Годинава настапуваат четири домашни бендови, сите активни и со нови изданија. И за првпат кај нас ќе ја имаме честа да ги гледаме FIRST BLOOD! Формирани 2002 година во Сан Франциско, Калифорнија, Карл и неговата дружина носат бескомпромисен, моќен и суров хардкор-метал. За 17 години, тие имаат три студиски албуми и безброј турнеи низ целиот свет.
Домашните машини Shock Troopers имаа одлична година. „Глуво доба“ излезе на плоча преку Diehard records, промовираа во МКЦ и заминаа на европска турнеја. За само две години „Последен удар“ успеа да се постави како доста сериозен бенд. По одличното и-пи, летово го самоиздадоа албумот „Не сме како вас“ и ќе свират во живо на „Востание 5“! Short Fuse Hero по кратка студио пауза повторно на сцена. Во меѓувреме снимија ново и-пи и лансираа спот. Свежата крв Conspiracy го издаде својот деби албум Dehumanized пред неколку месеци.
Билети во претпродажба на билетарницата во МКЦ и онлајн преку bileti.mkc.mk. Како и сите досегашни востанија, за дизајните е задолжен Филип Тасевски – Фиц.