Педесетина програмски содржини ќе има на фестивалот „Скопско лето 2018“ кој традиционално ќе се одржува од 21 јуни до 31 јули. Ќе биде отворен в четврток, на Светскиот ден на музиката, со концерт на музичари од Израел во Македонската филхармонија.
Во пресрет на официјалното отворање, пак, утревечер во НЛБ Галерија ќе биде отворена изложба на Владимир Темков „Потрага по смислата на ликовноста во соочувањето со убавината на природата“.
Организатор на „Скопско лето“ е Дирекцијата за култура и уметност-Скопје (ДКУС), а и оваа година фестивалот е поддржан од Град Скопје, Министерството за култура и од странски културни центри и амбасади.
Директорот на ДКУС Никола Глигоров денеска на прес-конференција рече дека се задоволни што „Скопско лето“ опстојува 39 години на културната мапа на главниот град, но и на државата. Соопшти дека и годинава основата на програмата се домашни музички уметници и ансамбли, како и млади уметници кои допрва зачекоруваат на сцената, така што „Скопско лето“ и овојпат, рече Глигоров, ја покажува својата широчина и отвореност за креативните сили.
„Скопско лето“ до крајот на идниот месец ќе се одржува на 20-ина локации во градот.
– Покрај бројните појави и пројави во културата во Скопје, „Скопско лето“ со своите содржини успева да го задржи вниманието во главниот град. И годинава ќе има атрактивна и квалитетна програма со речиси педесет програмски содржини. Во наредните 40 дена ќе имаме театарски претстави, концерти од различни жанрови, програми за деца, десетина изложби со домашни и со ликовни уметници од странство, промоции на книги, а ќе ја има и редовната филмска содржина „Кафе кино“ со проекции во Сули ан – рече Глигоров.
За концертот на отворањето задутревечер зборуваше израелскиот амбасадор во Македонија Дан Оријан. Нагласи дека секоја година учествуваат на овој фестивал со настани кои се привлечни за публиката. Годинава, рече, имаат чест да го отворат фестивалот и се задоволни што со концертот ќе бидат одбележани 70 години независност на Израел.
Во првиот дел од концертот ќе настапи Дадо Дганит, позната пејачка и член на Националниот театар на Израел „Хабима“. На своите концерти таа им дава нов живот на старите ладино мелодии и разновидната еврејска музичка култура ја модернизира збогатувајќи ја со ориентален ритам и клезмер звуци.
Во вториот дел од концертот ќе настапи водечката флејтистка во Израел, Хефциба Зер Авив, која свири на повеќе од 20 видови флејта и претставува уникатен и спектакуларен мозаик од израелски и медитерански егзотичен стил на свирење флејта.
Првата театараска изведба на годинашното „Скопско лето“ ќе биде ден по неговото отворање – в петок во МНТ ќе гостува загрепскиот театар „Гавела“ со „Крал Ричард Трети“ во режија на Александар Поповски.
На прес-конференцијата режисерот рече дека претставата е нова, од минатата сезона на „Гавела“, каде што тој работи десетина години. Неговата претстава „Сон на летната ноќ“ беше десет години на репертоарот на овој театар во Загреб.
– „Гавела“ има специфичен ансамбл. „Ричард Трети“ не е едноставен материјал и потребни се добри актери, а тие тоа го имаат. Феномен од актер е Озрен Грабариќ, кој го игра насловниот лик – рече Поповски.
Нагласи и дека е задоволен што ќе има можност пред македонската публика да го покаже тоа што го работи, а на „Скопско лето“, рече, е од неговите аматерски денови и изведбите во Куршумли ан.
На прес-конференцијата денеска беше промовиран и водич за Скопје на англиски јазик „Guide Book Skopje“ на издавачката куќа „Љубовта е петтиот елемент“. Претставникот Гоце Дртковски соопшти дека водичот за странци содржи податоци за сė што е вредно во, како што рече, седум илјади години култура во Скопје.
– Македонија чекаше 25 години да ја добие оваа објективна енциклопедија на англиски јазик, направена на ниво на европски водич за претставување една престолнина – рече Дртковски, најавувајќи дека ќе објават водич на англиски јазик и за Охрид.