Писателот, прозаист, есеист, драмски писател, книжевен преведувач и уредник Ото Толнаи од Војводина (1940) е добитникот на европската награда за поезија „Петру Крду“ за 2020 година. Наградата се доделува секоја втора година, а за годинашниот лауреат одлуката ја донесе жирито, во чиј состав беше и македонската писателка Лидија Димковска, покрај авторите Саша Радојчиќ и Михајло Пантиќ (претседател).
– Со својата тематска широчина, обликовната разноликост, јазичната инвентивност и, особено, со длабочината на поетскиот увид во сите слоеви на човечката егзистенција во модерните времиња, како и со загледаноста во енигматичноста на прашањата, во искушенијата и феномените со кои се соочува човекот на нашето време, Ото Толнаи изградил опус без преседан во средноевропската култура, од една страна обликуван на унгарски, а од друга на српски јазик. Како своевремено Петру Крду, кој пишувал и на романски и на српски јазик, Толнаи со своите стихови создал и поетски амалгам и мост помеѓу две култури чиј заслужен протагонист е подолго од пет децении. Толнаи спаѓа во редот на оние поети што поезијата ја гледаат во сѐ, поаѓајќи од импулсите и побудите од различно потекло како оние секојдневните покрај кои проаѓаме не забележувајќи ги, така и оние невидливите, длабоките, кои во читателот ја будат мислата за универзалните, антрополошките, егзистенцијалните и есхатолошките прашања – се наведува во образложението на жирито на оваа угледна поетска награда што ја востановил поетот и уредник во Книжевната општина Вршац (КОВ), Петру Крду.
Со своето вкупно дело, особено со поезијата, Толнаи ја посведочи неопходноста на човековата потреба за пречекорување на зададените граници од секој вид, за непрекинатото трагање по суштината, причините и смислата на неговата појава во негостољубивиот, а сепак прекрасен свет, и непоколебливоста во верата и слободата не само на поетското изразување. Но поетското е на прво место.
Ото Толнаи е 21-от лауреат на европската награда за поезија „Петру Крду“, а Книжевната општина Вршац, како што пишува српскиот весник „Данас“, планира до крајот на годинава во едицијата на истата награда да објави книга од избрани стихови на Толнаи под наслов „Скандал“, во превод на Драгиња Рамадански. Книжевната општина Вршац во 1988 година, кога е и основана наградата, ја објавила збирката поезија на Ото Толнаи „Крик на розата“, која изворно е напишана на српски јазик.
– Многу ме изненадија кога ми јавија за таа награда. Ми се јави претседателот на жирито Михајло Пантиќ. Неверојатно, токму тој ден ја испратив белешката што ја пишував за едно унгарско списание што ќе го објави мојот циклус песни „Крик на розата“, кој го пишував на српски јазик и кој го печатеше главниот уредник на КОВ „Петру Крду“ пред 32 години. За унгарското списание тој циклус го преведе Ото Фенивеси. Од мене ја нарачаа таа белешка и јас во неа споменав дека тие песни ги пишував за претставата „Анита Бербер“ во 1987 година и накратко им ја претставив издавачката куќа, која изворно ја објави „Крик на розата“ со зборовите: „О боже, тоа беше една одлична, мала издавачка куќа…“ Како можев да се чувствувам кога непосредно откако ги напишав тие зборови, ми беше јавено дека токму од таа издавачка куќа ја добивам европската награда што го носи името „Петру Крду“? – изјавил Ото Толнаи.