Обид да се проникне подалеку од она што го гледаме, зад црнилото и многу повеќе од тоа…
Музејот на современа уметност во Скопје ја отвори самостојната изложба на младиот проминентен ликовен уметник Велимир Жерновски, со мултимедијалниот проект насловен „Отаде црнилото“, курирана од истакнатата ликовна критичарка Љиљана Неделковска. Изложбата ќе трае сѐ до 1 јули.
Проектот на Жерновски претставува еден своевиден палимпсест, врз кој авторот одново се впишува, со секое негово дело, врз патинираните траги и остатоци од неговата визија за можен премин кон некој иден свет, во кој човековата присутност најверојатно никогаш нема да постои, додавајќи ѝ на таа идеја утописка димензија. Целосниот приказ на оваа идеја, имплицитно навестува „осаменост“ на присутниот гледач, кој според наративата и сознанијата околу иницијалната идеја за „црните дупки“ и влијанието на единката како важен чинител во процесите на разградување на природата, [„земјените текови и нејзината рамнотежа“ (Жерновски)], би можел засекогаш да остане во темнината, која претендира да воспостави рамнотежа со силниот ликовен метафизички свет на авторот.
Потрагата по друг свет и ослободувањето од капитализмот претставуваат онтолошки теми во светот на уметноста. Метафорички гледано, тој свет би можел да претставува едно осамено место во кое единката ќе се чувствува како дома или во проширено гледиште – место што би имало колективна потенција да ги собере сите различности на овој свет, додека слободата од капитализмот секогаш ќе му припаѓа на еден друг свет, различен од овој, недофатлив, спектакуларен.
Во овој проект авторот ја поместува ликовната прагматичност, од едноставно пресликување на идејата, во современ концепт на проширено креативно поле, во кое се наоѓаат нови изразни, обликовни постапки и пристапи, поле врз кое се поместуваат критериумите за можно просудување.
Проектот е поставен дисперзно во двата павилјона на музејот, видеопроекциите се издвоени од другиот материјал. Во првиот дел гледачот влегува во атмосферска згуснатост, постигната најпрво преку интервенција со темна боја на одредени делови, во простор конструиран во еден оптички универзум, во кој темнината, партикуларната светлина, и поставеноста на фигурите – астронаути во различни положби и состојби, говорат за една современа визуелна естетика, прочистена ликовна вештина и способност на авторот да воспостави чиста материјализација, организирајќи различни компоненти во една комплексна целина. Ваква композициска поставеност и сценографската артикулација на хетерогени компоненти, кои сами за себе претставуваат цели светови, независни ентитети, во една содржајна компактна целина, ја покажува умешноста на авторот да се постави себеси над и надвор од сопствениот свет. Влегувајќи подлабоко во светот на авторот, гледачот се замислува, се прашува и генерира длабоки размисли околу универзумот, човечкиот фактор, неконтролираната експлорација на природните ресурси и новите НАСА и ЕСА-истражувања, влегувајќи понатаму во неодредена сфера на сознанија. Специфичниот одбир на хексагоналните огледала (телескопот на Џејмс Веб) и нивната поставеност над видното поле, позиционирањето на фигурите на постаменти, изработени во намалена човечка пропорција – соодветно на оптичкиот универзум (прецизно 3Д-печатени), црните и мали микроѕвезди и планети (минималистчка естетика изградена преку репродуктивен модел), неонглас-патеката, која вертикално додава монументална вредност и во исто време насочува кон и надвор од музејската поставеност на елементите, говори за современа дијалектика, која препознава одредени просторни вектори, кои авторот ги проектира низ особена артикулација со просторот. Надградувањето врз еден симболичен знаковен фон, понатаму имплицира една транссубјективна логика на авторот.
Видеоинсталациите поставени одделно во независна поставка, ја поттикнуваат човековата љубопитност околу недореченостите. Видеоматеријалите се дополнети со моќна звучна симулација, која ги стимулира рецепторите и ги буди сетилата кај восприемачот. „Како критика на монструозната логика на капиталот и неговите крајно деструктивно извесни последици врз нашата природна и симболичка средина“ (Л. Неделковска), проектот преку директна наратива – видео и звук (висока перформативност) го опфаќа последниот можен начин за човековото преживување во идно време, преку дишење во целуларна обвивка, допирајќи во еден миг до сознанието дека станувајќи едно во космичката аурна обвивка ние можеме многу да постигнеме заедно. Конечно во тивка зона (одвоениот аудиториум), бесконечниот хоризонт претставува надеж дека вечните затвори (црните дупки) би можеле да нѐ однесат и во некој друг универзум.
Но и покрај она што гледачот може да го види влегувајќи во оваа проекција на илузијата на Жерновски, она што незнајно влегува во човековата потсвест се неопходноста и агенсот преку сите овие сознанија да се разбуди свеста кај секој човек, за една повисока цел кон индивидуален прогрес и влијание во општеството.
Референцијалната рамка во која писмениот исказ на авторот се движи е внимателно конструиран, кореспондира во рамките на глобалните и универзални проблематики, кои се нанижани на иницијалната замисла како дел од долготраен, но и актуелен сегмент на човековата мисла. Пристапот кон материјализацијата е постигнат преку сигурна обликовна знаковност, која е генерирана поодамна во авторскиот опус, претходно говорејќи преку јазикот на поп-културата во рамките на плошноста и дводимензионалноста, но овој пат ликовниот јазик артикулира низ нова комуникативна матрица во простор, која повеќе инклинира кон скулпторска реторика. Дури и кога знаеме дека дел од елементите употребени за трансмисија на идејата се веќе експлоатирани и присутни во светот на уметноста и можеби потсетуваат на астралната поетика на Олафур Елиасон и неколку други современи автори, кои неисцрпно го истражуваат универзумот, сепак овој пристап е уникатен и кохерентен, наложувајќи поголема обврзаност од авторот да создаде нова перцепција, преку комбинирање такви диверзитети во намерна дијалектика, создавајќи копија, на копијата… бескрајна репродукција (Жерновски).
Темите опфатени во оваа комплексна повеќеслојна наратива: хегемонијата на капиталистичкиот режим, предоминантноста на глобалните политики, индивидуалната саморефлексија и пресликувањето на единката во космополит и визионер, критиката кон сегашноста генерално, опфатот на глобални и на универзални проблематики, впишани во ова дело, го чинат ова дело доволно отворено да антиципира нови гледишта.
Утврдените сознанија на авторот за механизмите на перцепција на гледачот го оправдуваат емпирискиот пристап врз целокупната проблематика, покажувајќи доминација на владеење со просторот, а со тоа и компонирање на целокупниот простор како циркуларна единица за впишување и за вградување на субјективниот микрокосмос. Сето ова го одредуваа проектот како успешна заокружена замисла.
Натали Рајчиновска Павлеска