Во петок, 18 јануари, 2019 г. со почеток во 20 часот, во Македонската опера и балет ќе биде изведено едно од ремек делата на Џакомо Пучини „Тоска“.
„Тоска“ е приказна за трагичната љубов на Флорија Тоска и сликарот Каварадоси, прекината од еден злогласен шеф на полицијата (Скарпија) во Рим, во периодот на движењето за обединување на Италија.
Главните улоги ќе ги толкуваат Весна Ѓиновска-Илкова, Калин Братеску (Романија) и Борис Трајанов.
Калин Братеску е романски тенор со неверојатно активна кариера. На македонската публика и е познат по настапот на отворањето на фестивалот „Охридско лето“ во 2018 година заедно со оперската дива Елена Мошук. Помеѓу најголемите негови достигнувања во претходните сезони се вбројуваат и дебито во Националната опера на Рим, Стразбур, Кралската опера на Валони во белгискиот град Лиеж со Грчката национална опера, оперската куќа „Бастиљ“ во Париз, Ковент Гарден во Лондон како и голем број други успешни претставувања во Романија и надвор од неа.
Весна Ѓиновска – Илкова е водечки драмски оперски сопран со совршена вокална динамичност и беспрекорна интонација. Остварила и безброј оперски и концертни настапи и е добитничка на највисоките државни награди и признанија.
Борис Трајанов, баритон, меѓународно истакнат македонски оперски пејач, кој за време на неговата кариера, остварува импресивен број на улоги во повеќе од 80 оперски куќи (на околу 100 оперски сцени) ширум светот, кој со својот масивен баритонски глас достигнува вокална длабочина и возвишеност.
Во останатите улоги настапуваат Ернес Ибраимовски, Драган Ампов, Никола Стојчески, Диме Петров, Димитар Кожухаров и Александра Лазаровска Василевска. Настапуваат оркестарот и хорот на Македонската опера и балет.
Под диригентска палка на гостинот од Бугарија Иван Кожухаров, кој во оперскиот свет е познат како исклучителен професионалец. Во Бугарија работи како главен диригент и уметнички раководител на операта во Бургас. Работи како диригент во Државната опера во Измир – Турција, гостин- диригент во Филхармонијата во Санкт Петербург.
Режисер: Огњан Драганов (Бугарија), Сценограф: Зоран Николовски, Костимограф: Марија Пупучевска.