Објавена новата книга „Намерници“ на Ристо Лазаров

65

Издавачката куќа ,,ВиГ Зеница“ ја објави новата книга на Ристо Лазаров ,,Намерници“. Во предговорот на книгата Димитар Пандев укажува дека овој пат поетиката на Лазаров добива свое прозно преточување во прозните записи, кои се нов творечки предизвик на авторот, почнат уште од книгата ,,Врежанки“. Книгата содржи триесет и шест записи за Скопје и неговите намерници (Орвел, Горки, Хичкок, Сартр, Гомбрович, Брижит Бардо…), а кон нив се приложени и два оригинални записа на Петер Хандке и Густав Крклец.

– „Намерници“ е книга што го задоволува вкусот на македонскиот читател, зашто е преисполнета со светот и светски имиња, она што нашиот жеден книгољубец отповеќе и одамна го пожелува. Но таа желба, Лазаров ја дополнува со прагматични жедби за механицистички средби, по принципот токму овде и токму сега, што ја отвора перспективата на етнографијата на комуникацијата, која особено инсистира на учестниците (според Лазаров) – намерниците, на областа или темата на разговорот (која е беспрекорно скопска, барем според пивото, и малку од малку еврејска, според семките). Се разбира, сето тоа се артефакти, кои на малкумина им се познати, зашто тој свет не е подалеку од светот на спомениците, кои ако не се цел (намера) на комуникологијата, тогаш секако се на медиологијата.

А за многумина тие се подведени под ист фактор. Различна им е, имено, само антропоморфизацијата. Впрочем, во книгата на Лазаров намерниците се медиуми! И таа предикација не е комуниколошка, туку естетска! И се случува во центарот на разговорноста – пишува Димитар Пандев.