Од печат излезе збирката раскази „Неми филмови“ од Димитар Димоски, како издание на издавачката куќа „Или-или“.
– „Неми филмови“ е збирка од дванаесет подолги и пократки раскази, кои заокружуваат една концептуална целина. Не случајно, драматургијата на редоследот по кој се подредени овие раскази е силно поткрепена од стилот, тонот, атмосферата на самата наративност и нивната промена на крајот. Оттука, делото почнува со истоимениот расказ „Неми филмови“, кој суптилно ни го навестува она што понатаму следува, а тоа е дека расказите во оваа збирка, иако содржински различни, се поткрепуваат и дополнуваат во темите што ги обработуваат. Затоа, на „Неми филмови“ може да се гледа како на албум од кратки мигови, или пак како на еден краток сон и она малку што се зачувува од него откако ќе се разбудиме – вели за својата прва објава, авторот Димоски. Димитар Димоски (1992) е роден во Охрид. Добитник е на наградите: „Нова Македонија“ за расказот „Создавач на светови“ (2014), награда „Живко Чинго“ за расказот „Мојата куќа во Крс’ џамија“ (2015) и „Нова Македонија“ за расказот „Неми филмови“ (2016).