„Уплавната вода, тагата“ е новата, трета збирка поезија на Сузана Ѓорѓиевска, во која се објавени педесетина песни. Според писателката Габриела Стојаноска Станоеска, збирката ги одржува квалитетот и континуитетот на нејзината поезија, која не е обичен пев туку поетска мајсторија, со префинетост и опточеност каква што имаат делата на најдобрите, не на калфите, учениците, помагачите и препишувачите меѓу авторите…
– Песните од збирката се групирани во три тематски и духовни целини, насловени „Уплавната вода, тагата“, „Сакам да ти раскажам“ и „Оние места“. Песните од првиот циклус се во знакот на водата, заеднички за насловот на циклусот и насловот на збирката. Вториот циклус низ лирски пев „раскажува“ за настани и опева ликови. Третиот најтесно и најинтимно ја чува во грстот преклопени песни љубовната напивка за двајца – вели Габриела Стојаноска Станоеска.
Оваа збирка на Ѓорѓиевска доаѓа по поетските творби „Сенки“ (1997) и „Срна“ (2005). Или ова ѝ е шесто дело, кое ги опфаќа и монодрамата „Мегдан“ (2003), романот за деца „Сонувачот, купувачот и уште нешто“ (2008) и збирката раскази „Влегување во песната“ (2019).