Осврт кон изложбата „Бесконечност“ на Петре Николоски во „Чифте-амам“
Натали Рајчиновска Павлеска
Уметноста во деведесеттите беше посветена на промени, прекин и расчистување со веќе истрошените револуционерни форми на нејзино промислување по филозофијата (концептуалната уметност) и постсоцијалната хибридизација присутна уште од седумдесеттите во ликовниот јазик на глобално ниво. Многумина од уметниците, особено британската сцена, беа подготвени за спектакл, сензација и нови изненадувања во она што значеше освојување на просторот (приватните галерии, подоцна и музеите) и новото, историски неизвесно време во кое тој простор припаѓаше. Некои од нив аналитички ја промислуваа идејата за уметноста до речиси целосна редукција на уметничката појавност, односно, ја сведуваа на основна информација на нивните идеи и концепти, кои несомнено припаѓаа на современиот културен дискурс и јазикот, кој беше потребен за да го постави уметникот на приближно еднакво ниво со историчарите и критичарите што неуморно се обидуваа да ги впишат новите појави во историјата на уметноста. На македонската сцена беа забележани речиси сите оние струења што уметниците ги носеа или ги враќаа со себе во домашните изложувања, како веќе отелотворени принципи во уметничките практики, некои од нив се обидуваа да ја задржат автентичноста и се навраќаа на сопствената почва, обидувајќи се да го усогласат своето спознание за светот со она што се случуваше на домашната сцена.
Една таква развојна линија е забележана во творештвото на Петре Николоски, кој освен што го одржал сопствениот творечки импулс посветен на циклично навраќање на идејата за одново совладување на просторот, тој го менува, дополнува и преобразува својот ликовен ракопис, евидентно и присутно во неговото рецентно обраќање кон домашната публика. Едно можно толкување на курентниот уметнички предлог на Николоски, бара нужен преглед на целокупното негово творештво, за да се разбере поривот за обновување на отвореното прашање во неговата творечка мисла, за човековите релации и човековата егзистенцијална природа наспроти времето и просторот во кој живее, да се осознае суштинската идеја на авторот за определбата во ликовниот јазик, како и обликувачкиот приод кон материјата, и конечно да се воочи естетската компонента, која градуално се менува преку неговите реализации.
Соња Абаџиева-Димитрова, во збирката – „Мултимедијална уметност“, пишува за неговите рани дела: „Конструирани од гранки и јажиња, со наметливо изменет начин на обликување, толкување на просторот, времето… Амбиентални конструкции ни откриваат експлицитно соопштен сон за обнова на куќата како центар на неговиот опстанок“. Три децении подоцна, авторот не дозволува хетерономијата на надворешниот свет да ја преобликува неговата проблемска окупација и посветеност кон совладување на просторот, времето, како и „логосната потрага“, за која опширно говореше писателот Ермис Лафазановски, на отворањето на изложбата.
Она што е приложено на оваа изложба „Бесконечност“ е интенција на авторот да влезе во дијалог со просторот, каде што преку извесна симболичка нарација (обелиск и утерус), се согледува различно промислување на дуалната природа на машкиот и женскиот принцип. Неговиот ликовен ракопис во оваа проблемска реторика, артикулира низ возобновена и видно промената стилска сугестија, во прочистен естетски обликовен пристап, внимателно конструиран вертикален објект (обелиск), чија граѓа е „книгата“, поставен како метафора за отсекогаш недостижниот императив на човекот за знаење, осознавање, отелотворување на човековото, картезијанското „мислам значи постојам“, во она што, според Лафазановски, кај авторот Николовски значи „мислам значи сум“.
Вториот елемент на оваа поставка е конструиран во посебна просторија на амамот, до која се стигнува преку развиена мрежа од колоритна волница и коноп, односно естетска интервенција на ѕидовите, векторски организирана матрица, која можеби треба да асоцира на некаква биолошка разгранета мрежа кон она што треба да означува „утерус“, да сугерира траекторија до она што следува внатре во просторијата. Во централниот дел од просторијата е поставена просторна инсталација од дрвени греди, со незначителна колоритна интервенција врз истите тие, кои недвосмислено се препознатливи како веќе присутна обликовна алатка во творештвото на Николоски, речиси идентични како оние од поставката „Амнезија“, 2011, во Музејот на современата уметност (МСУ), но со евидентно прочистување на хроматскиот спектар. Приложените висечки инсталации од едната страна, воспоставуваат баланс или привидна статичност, наспроти вибрантната интерфузија на материјалот – дрвените греди и волуменот на просторот. Фактот дека оваа скулпторска реализација задава силен импакт врз просторот во кој е реализирана, навестува видно поинакви полемички внатрешни дискусии кај авторот и она што значи „простор“, односно, отворање и речиси целосно расплинување на објектот во просторот, со што се менува и конечната визуелна перцепција за оваа инсталација, како имплодиран објект во кој се влегува, целосно интерполиран во внатрешноста на амбиентот. Двете основни компоненти, вертикалната фигура со стремеж кон недоглед – „обелискот“ и речиси целосно распространета во просторот – фигура на „утерус“, се поврзани со голем број инсталации поставени во изложбениот простор, конструирани и нанижани преку „книги“ и веќе присутниот ликовен материјал распореден во други просторни интервенции, кои линеарно ја дополнуваат нарацијата.
Имено, ваков тип пластичен говор, сѐ уште скулпторски, прибегнува, односно транзитира кон една современа детерминанта, она што според Никола Бурио значи релациска уметност, односно комплексна уметничка постапка, чија појдовна точка практично се наоѓа во целокупните човечки релации и нивните меѓусебни односи во општествениот контекст (етички, етнички, сетилни, културни, еманципаторски, духовни итн…). Просторната сугестија и нејзината отвореност кон публиката во својата генеричка и физичка форма, создава активен субјект од приложеното дело, дијалошка вклученост на другите субјекти – публиката, кои во релација со изложената најинтимна природа на човековиот ум, придонесуваат за едно ново непредвидливо колективно искуство на себепотрага. Социјалната каузална врска, отелотворена преку колективна вклученост на позајмувачите на книги (институции и поединци), како еден од основните елементи на оваа поставка, како и на помагателите за реализација на ова дело, го преместуваат уметничкото дело од автохтона поставеност на авторот, во едно ново поле на нехиерархиска колаборативна продукција.
Во 1989 година, Николоски учествува во сараевска „Документа“, со делото „Екостудија на сараевската околина“, односно градското опкружување, кое во следниот негов престој во Сараево во 2010 година, веќе беше разорен градски пејзаж, од каде што произлезе неговото наредно дело посветено на таа проблематика „Колегиум Артистикум“, создадено ин ситу. Овие дела сведочат за емпатичната природа на авторот, неговата длабока засегнатост со човековата неизвесна поставеност во овој свет, психолошката борба и перзистентната човекова битка за преживување.
„Амнезија“ претставува дело реализирано во МСУ, Скопје во 2011 година, како дел од втората фаза на долгорочниот проект „Дневник“, поттикнат од современиот пејзаж на Прилеп, неговото родно место, реализиран во соработка со поединци и институции, кои во тоа време биле емоционално и професионално засегнати со проблематики поврзани со животната средина.
Николоски ја претставуваше Р Македонија во 1993 година, на 45-то Меѓународно биенале во Венеција, со делата „Простори 2, XXXIV“ и „Пејзаж-ѕид“, просторни конструкции од камен, гранки и други природни, во тоа време, неконвенционални материјали од непосредното опкружување.